НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Ако стариот „крпен“ автобус за кој веќе нема делови не качува нагорнина без пожар во моторот - џабе се менува возачот

27 септември 2021·Ивон Величковски
И патниците и механичарот и превозникот знаат – автобусот мора да се замени со нов.
Да погледнеме вака на економското, политичкото, воопшто системското тонење на Македонија од независноста до денес.
Не е страшно што транзицијата ги приватизираше фабриките, туку што новите сопственици со лошо управување ги затворија и продадоа „за делови“, втурнувајќи го општеството во увозна зависност.
Макро-економијата и стандардот ни се „врвка“ од поодамна.
Да не се чудиме зошто сме неконкурентни и со негативен биланс со скоро сите економии: 3 децении претседателите именуваат гувернери само како бранители на курсот на денарот, а владите го растат буџетот низ надворешно задолжување и гарантирање на банкарската профитабилност од домашното јавно и лично потрошувачко задолжување.
Секој обид да се разговара за реална цена на денарот беше одбиван токму поради одржување на партиско-дипломатската спрега на држење на социјалната стабилност до степен на зомбифицирање на пазарот на трудот, администрализација на електоратот, буџетска зависност на економијата и општеството и банкаризација на р’бетот на економијата.
Субвенционирањето ги дојаде кредитите наместо да поддржи конкурентно производство што би гарантирало задоволување макар на базичните потреби за храна на нацијата или за профилирање на производството и унапредување на извозот.
Затоа, повикот „релевантните партии“, „стопанската комора“ и „науката“ да создадат платформа за излез од состојбата до која тие не доведоа, личи на доверување на американските федерални резерви на чување од Ал Капоне.
Тие партии, комори и наука (низ послушништво и медиумско одржување на „меурот“ на политичката и економската научна мисла на „децата на нивните деца“) ја сведе Македонија на пола-кејнзијански и пола-фридманистички експеримент: идеален во теорија, убиствен во пракса – за производството и пазарот на трудот.
Сакате Платформа за следните 4 години? Согласете се на следните обврски:
За 100.000 административци назад во реалниот сектор.
За ревизија на досегашните субвенции во земјоделството и 40% повисоки исплати по количина и квалитет, наместо по дејност.
За реорганизација на јавниот Фонд за здравствено осигурување и за втор приватен систем на задолжително здравствено осигурување.
За јавно-приватно партнерство во комуналните дејности и во производството на марихуаната за медицински потреби за финансирање на Здравство и Одбрана од нивниот строго контролиран промет.
За продажба на државно земјоделско земјиште без право на трансформација во градежно во следните 50 години.
За просторно планирање со нови градови и населби и спречување на окупацијата на партиите, просторното планирање, животната средина и економијата од банкарско-градежничката спрега.
За постојан ветинг во безбедносните служби, одбраната, внатрешните и надворешните работи, МАНУ, јавните и приватните високообразовни институции, партиите, судовите, обвинителството и Уставниот суд.
За генерален реизбор на судиите.
За незастарување на кривичните дела од приватизацијата.
За реиндустријализација како цел на комерцијалното задолжување и за инвестирање во патната, водната и хидро-мелиоративната инфраструктура како цел на јавното задолжување.
За функционирање на сите камери и санкционирање прекршоци по автоматизам.
За отстранување на казината и кладилниците од населените места.
За помирување со фактот дека Тиранската платформа, Софискиот и Преспанскиот договор се прекинувањето на македонската политичка и економска зависност од Србија и нејзино реално ставање на картата на – држави и економии.
Да, тоа ќе значи политичка, економска и финансиска мисла и практика различни од оние од пред 30, односно од пред 70 години.
Бирајте: се или ништо. Или нова република за системот на владеење на правото, казна за прекршок и награда според заслуга или оваа дефектнава, за прелевање на јавниот буџет на сметките на „вашите“.
И видете кој тоа може да го одигра. Да им се остави на веќе истрошените партии кои за самоодржување го навлекуваат општеството во се поголема корупција? Не. Да се искористат новите и неоспорените авторитети со јасна понуда и конкретна определба? Да.