Единаесеттооктомвриска: Или Македонија или МАНУ ретро-реалност
10 октомври 2021·Ивон Величковски

Неомакедонизмот не е догма, „Колку сме, толку сме, токму сме“ не е малодушност. Тие само се спротивставени на нашиот југо-поглед како Македонци кон самите себе, како „немоќни јагниња опколени со волци“. Поглед што ни беше сервиран за постоењето да го бараме само во југо-федерацијата и белградскиот патронат, а не во сопствената изворност и самоодржливост како Македонци.
Формирањето на најголемиот број (научни и политички) институции на тогашна СРМ (и на Македонците) вклучително МАНУ, кои на федералната членка и дадоа елементи на државност е во „времето на Крсте Црвенкоски и анархо-либералите“. Тоа е време на децентрализација на СФРЈ (и деранковиќевизација на ју-службите), белградските, загребските и приштинските демонстрации, „Хрватската пролет“: историските најави за дисолуцијата на СФРЈ, уставно овозможена по 1974, теренски крваво спроведена од 1991.
Интересно е, затоа, денес да се запрашаме како е запаметен Крсте Црвенкоски кај Македонците? Како временски неидентификувана фаза на македонскиот еднопартизам, накратко претседател на ЦК-СКМ и актер на Брионскиот пленум. Но никој не се осврнува како тој и неговата екипа (низ тогаш единствената партија) води процеси на востановувањето на елементите на државноста и подготвеното пречекување на 1974, па и 1991.
Според молкот за ова, личи дека тој „грев“ го плаќа(ат) со дводецениско повлекување од јавноста, откако Другарот Лазо ги чисти и ги „нормализира“ работите. Затоа прилепеното поимање за Црвенкоски до денес е само „тој што ги насели Шиптарите во Скопје по земјотресот“: потребно за југоревизионистичката реторика и кадровска камарила во Скопје да ја оправда својата потребност пред Партијата во Белград. Камарила на „свои“ републичко-партиски функционери и директори на (О)ОЗеТе-а. Кои одамна ги нема.
„Академија на науки и уметности на Северна Македонија“ по име, „МАНУ“ по кратенка, "JAZU" по душа
До 1991 МАНУ-овците не се спротивставија на неодржливоста на системот. Ниту на газиместанскиот „српски свет“ по Милошевиќ, проектиран во Меморандумот на САНУ што и денес одекнува низ Вулин.
Ниту по 1991 од зградата на МАНУ не излезе посериозна проекција на економскиот или политичкиот развој на независна Македонија вон партиските реторики. Но излегоа куп академици кои или беа или пројавуваа(т) интерес за Владини функции, од Кљусев и Ристовски, до Фити, Беџети и Камбовски. Во сдсм-овски или вмро-вски влади, небитно, се додека се министерски функции. Што и партиите и академиците ги стави во заедничкото двоглаво тело кое 30 години ја приватизираше економијата, ги корумпираше институциите, ги блокира системите и ја обесмисли „дебатата“ со или меѓу нив.
Премолчувањето на нашата академика и јавна реч на сите позначајни прашања трае за времето на сите влади. Помеѓу два плача за висината на академските надоместоци и одржувањето на зградата нема посериозна расправа на теми надвор од прашањата кои ги интересираат двете партии и нивните стопанственици – тајкуни.
„Размената на територии“, Преспанскиот договор, Софискиот договор се само поводи за собиранки во големата сала со декор и реторика од 1980-тите, заокружен со предлогот „сите партии да учествуваат во Владата според освоените гласови“ и во Македонија системот фактички да се промени – од парламентарен назад во собраниски.
Тривијалните повици за платформи и за платформи на платформите, затоа, денес се игнорирани од јавноста. Она од што партиските МАНУ и медиуми бегаат е неомакедонизмот заснован на интересите на македонскиот народ и со тоа е спротивставен на југомакедонизмот. Неомакедонизмот поставен на сопствената неспорност како изворно чувство на Македонецот наспроти југомакедонизмот поставен на контролираните осцилации меѓу „Македончиште“ и „Вкочанетото македонче“ употребливи за Белград, Атина или Софија, но не и за – Скопје.
Затоа, за промена, да не чекаме тема од парто-академиците, туку да им поставиме прашања. И ним и на партиите и на нивните тајкунски спонзори.
Прво, дали сметаат дека Тиранската платформа, Софискиот и Преспанскиот договор се корисен инструмент на соседска гаранција за номиналната унитарност и сувереност на (Северна) Македонија во стратешка евро-атланска поставеност.
Второ, кој договор го сметаат како поголем предизвик по македонскиот идентитет – Преспанскиот, кој во меѓународно-правна смисла гради северномакедонски национален идентитет или Софискиот, кој уредува научно-институционални механизми кои ги уредуваат отворените прашања меѓу Македонците и Бугарите низ процедури гарантирани од државите.
Трето, дали ги препознаваат елементите на општествениот судир во Србија меѓу тамошниот избор кон Запад или кон Исток, видлив и меѓу партиите на Србите во Македонија и низ противречностите на (службите на) тамошната армија и полиција и каков ефект препознаваат врз Македонија од тоа.
Но и четврто, дали ги препознаваат разликите во интересите меѓу Атина и Белград, колку тоа и да им звучи невозможно или попрецизно – вознемирувачки?
Петто, ќе продолжат ли европската интеграција да ја користат како нова мантра за економско-политичката заспаност на Македонците за која Брисел треба само да ни биде нов Белград? Кога веќе „мини-шенгенот“ отпадна.
Шесто, кога ќе се откажат од псевдомакедонизмот од кој профитираат само тие, нивните деца и „децата на нивните деца“?
Свесни сме, само неомакедонизмот на компетитивните ќе ја заврши седумдесетгодишната граѓанска војна без куршуми меѓу Македонците и на Македонците со сите останати во и околу Македонија.
Затоа, финалното, седмо прашање е дали се подготвени за политика што не е конфликтна ниту кон Атина, Белград, Приштина, Софија и Тирана затоа што не се води од нивните туку од нашите интереси дефинирани – во Скопје?
Каде уредувањето на односите со соседите не е магловита европска, туку наша изворна, (северно)македонска потреба.
Нивниот одговор е „не“, иако јавно никогаш нема да биде даден. Сеедно, од нив никој и не го очекува. Впрочем, новата просперитетна република на граѓаните е спротивставена со нив, нивната економија и партии и тие не можат да ни бидат сојузници.
Престанувајќи да живееме од кредитот на нашите предци, започнуваме да создаваме сегашност и иднина за себе и своите деца. Не за нив и нивните, оти ни ја украдоа во изминатите 30 години и 40 години пред тоа.
Секоја генерација има своја борба и востание. Честит празник.