НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Величковски: Сагата за „Бугарката Данела и Македонецот Заев“

29 октомври 2021·Ивон Величковски
Величковски: Сагата за „Бугарката Данела и Македонецот Заев“
Сагата за „Бугарката Данела и Македонецот Заев“ потврди колку локалните избори се показател за тоа кој колку ќе изгуби, а не кој колку ќе добие. По број на советници и градоначалници, а пред се во (северно)македонската политика оваа и следната година. Изборите ја сетираа разликата меѓу најголемите партии на педесетина илјади гласа, при излезност едвај над 50%. Разлика еднаква на бројот на неважечки гласови кои ја цртаат третата политичка сила, различна и од традиционалните и од протестните партии.
Квантум на личности со интегритет да гласаат, без да бидат клиенти на големите партии или мезе за популисти и догматичари. Личности кои сакаат промена без урнисување на ова малку останата нација, држава и економија. Ним им се наменети следните редови. Оти партиите и онака знаат дека:
„Победникот“ на локалните избори го чека договорот со Бугарија... или нема да биде победник веќе на парламентарните избори.
Тешко е да се очекува дека по 1 ноември времето ќе им се препушти на партиите само за нивно внатрешно уредување по сумирање на изборните резултати. По одржувањето на тековното или формирањето ново парламентарно мнозинство ќе се види кому ќе му се падне „бидермаерот“ – да го операционализира Софискиот договор.
При само-дефакторизиран Претседател на Републиката ориентиран единствено по инерцијата на „Атинската линија“, Владата и Собранието (о)стануваат единствен расположлив политички инструмент за придвижување на имплементацијата на договорот и, со тоа, на европските интеграции.
Обидот локалните избори да се претстават „референдумски“ успеа. Замешувањето на сите познати, премолчувани играчи и „непринципиелни коалиции“ ги отвора политичките фактори како пупки: кој е За, а кој Против одлагањето на имплементацијата на Софискиот договор, за да не „одмине“ и оваа „тура“ евро-американски ангажман во регионот.
Нешто како бегањето од „Агендата 2000“, кога задржувањето на парто-криминализираната економија за време на Црвенковски беше побитно од влезот во ЕУ и НАТО или за време на Груевски, кога антико-коруптивниот систем на истата елита требаше да не држи оддалечени од НАТО и ЕУ во 2008. Духот на партиите, коморите и бизнисите и денес е истиот.
Овој домашен процес е спротивставен на потенцијалот на неизбежниот ангажман на пост-Меркелова ЕУ и Бајденови САД, низ кој, со напредок во односите меѓу Скопје и Софија, треба да се отвори ЕУ-пристапниот процес за Македонија. И на Албанија, Црна Гора, но и уредувањето на односите меѓу Косово и Србија и во БиХ. Оттука, не е прашање дали ќе има нова Влада, без оглед на победникот на локалните избори или за колку време ќе се проектираат парламентарни избори туку:
Каква Влада ни е потребна, до и по следните парламентарни избори?
Каков и да е исходот на пост-локално изборните математики, консолидирачка Влада со капацитет да ја среди енергетско-финансиската состојба е неопходна.
Ценовните шокови ќе продолжат заедно со „тенчењето“ на вредноста на денарот, колку и да биде бранет со домашни и странски монетарни инструменти.
Инфлацијата ќе продолжи да го обезвредува стандардот, макар Владата административно ја плафонирала минималната плата и на 500 евра.
Исто како што административниот и градежниот балон од изминатите дваесет години ќе и „пукне“ в раце без оглед на тоа колку таа го има дувано.
Еднакво е потребна Влада што ќе постави одржливи основи на имплементацијата на Софискиот договор, користејќи го постоењето на бугарската етничност во Македонија во потврда на различноста од македонската.
Но и за спречување на секој иден антико-хунзирачки експеримент врз словенските корени на македонскиот народ.
Само на овие две премиси јасно е дека е потребна „Влада за горење“ со тешки и непријатни задачи. Колкаво и да и биде мнозинството, откако ќе ги заврши „валканите“, непопуларни задачи – ќе биде соборена за потребите на предвремени(те) избори.
Политичка влада на ново или тековно, солидно или тесно мнозинство со преземена задача „од странците“ затоа е многу можна. Па и потребна. Оти и нив и нивните тековни фондациски партии ги интересира само конкретниот приоритет. За другото, сите сметаат дека има време. А нема.
Сагата со „државјанството“ на Арсовска потврди дека во отсуство на теми, прибежиштето се старо-службењачките пресметки и психолошки игри.
„Бугарката Данела и Македонецот Заев“ покажаа колку се глуми здодевно и провидно од обете страни: едните „Македончишта“ со бугарски пасош в џеб, другите „космополити“ пред камери и шовинисти по првата ракија.
За одржување на „апарати“ на стариот политичко-финансиски систем и економска основа на земјата од 1980-тите и 1990-тите.
Како ли ни се смеат од надвор кога мислиме дека сме ги излажале... или уште потажно, за какви ли поделени личности не сметаат?