НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Величковски: „Славјето заврши, време е за непријатните пораки“

2 ноември 2021·Ивон Величковски
Величковски: „Славјето заврши, време е за непријатните пораки“
Различно од мнозинството мислења на темата, оставката на Заев од функциите ми личи на свесен потег најавен со „заминувам ако Шилегов е поразен во Скопје“.
Ваквиот услов оправда стампедо од поддршка за опозицијата во неделата и го потврди поодамна извесното.
Повлекување на оставката „на барање на гледачите“ ќе значи крах за СДСМ и сите струи во и околу него и комплетирање на колективното „политичко самоубиство од заседа“ и тоа сценарио не го сметам одржливо. Напротив, тактизирањето со тајмингот на архивирање на оставката за додоговарање во мнозинството, сметам дека веќе е во тек.
По државно-ориентирана, а не партиска логика, не би се занимавал со внатрепартиската состојба во СДСМ од 1 ноември натаму. Еднаков ми е пристапот и кон ВМРО-ДПМНЕ. Отсуството на нивен триумфализам укажува како на нов политички стил, така особено на свесност дека допрва следува комплицираната политичка фаза за државата. Оти локалните избори беа само партиска фаза.
Пред изборите оценив дека наближуваме кон потребата од „Влада за горење“. Засега постојат само дилеми каква да биде таа: политички концентрирана или мнозинска, експертска или партиска, политички професионална или партиски академска.
Каква и да биде, нејзината улога мора да биде временски оптимизирана (само до неминовните предвремени избори, а доволно долго за да ги заврши неопходните санации и процеси). Доволно парламентарно поддржана, но силно извршно одговорна...
...Институционално отпорна на дневно-партиските потреби, но флексибилна за да не го окупира реалниот општествен процес. Финансиски ограничена во сервисирање на тековните обврски, но и собраниски поддржана во санирање на буџетско-енергетските кризи и административната преоптеретеност на северномакедонската економија и финансии со кои ќе се соочиме веќе месецов и следниот...
...Дневно-партиски неоптеретена во постигнувањето на напредокот во односите меѓу Скопје и Софија, од кои зависи не само европското интегрирање на Македонија, туку и на регионот, а и еднакво етно-внимателна кон македонскиот народ во процесот...
...Темелна и во пристапот кон проблематиката за која, занесени по локалните избори, во Скопје сите молчат: повикот на Европскиот парламент, низ неговиот Одбор за надворешна политика - за отворање на југословенските архиви (на УДБ-а/СДБ и КОС) поради расчистување со врските на политиката, бизнисот и организираниот криминал посеан од овие служби.
И размена на овие податоци од екс-ју земјите (вклучително Македонија) со членките на ЕУ, САД, В.Британија и други НАТО-сојузнички земји, за фаќање на врските на корупцијата и организираниот криминал прелеани од Балканот кон нив.
Би додал, со нивно тридецениско фондациско-фондовско спонзорство.
Добар дел опозициски структури тука настапуваат со една предност: од 1990-тите наваму, предничат во перцепцијата дека тие, а не наследниците на СКМ се со прозападен светоглед. Но, по Груевски, дел од нив допрво ќе треба да уверат во својот прозападен имиџ: со ликови, политики и дела.
Сепак, да не брзаме:
Сојузничките дипломатии овде имаат доволно потфрлено досега, за да очекуваме работите да се движат како што треба, а не како што личи дека е полесно
Доволно е да се потсетиме дека ниту САД ниту ЕУ ниту Обединетото Кралство не брзаа во Македонија да видат реални правосудни реформи, а напредокот го констатираа низ сувопарните извештаи кои веќе не ги дразнат ниту бирократите, а камоли граѓаните.
Напротив, во име на однапред пропаднатиот референдум за името и одржувањето на скрпената влада на Заев, преминаа и преку 1ТВ рекетот на Меѓународниот сојуз, и „Дака“, и тегавењето со судските процеси против поранешните вмровски тајкуни и функционери, и „Ерменската афера“, и марихуанскиот бизнис, и Рашкоски и ширењето на администрацијата паралелно со економското сушење на земјата...
Оттука, немам сомнеж дека за дипломатската фела во Скопје и прашањето за тоа каква Влада следува по новопроектираната политичка состојба првично ќе биде третирано како „внатрешно прашање“. Па задоцнето ќе ја променат диоптријата.
Политиколошки, тековното парламентарно мнозинство е делегитимирано. Неговиот легитимитет не е поправлив до следните предвремени парламентарни избори.
Партиската логика е притисокот од опозициските бастиони исцртани во овие две недели да засилува со секој изминат ден.
Но, државничката логика е дека нужното треба да се заврши пред парламентарните избори, кога и да се закажат. По нив започнува партиската политика.
Како што Влада со нелегитимна претставеност на Албанците не мина без последици по експериментот 2006-08, Влада со нелегитимна претставеност на Македонците сега е еднакво опасна за државата и поделените општества во неа.
Затоа е потребен ресетиран формат на Владата без досегашните, еднакво делегитимирани, топ играчи (Заев, Битиќи, Димитров, Груби...)
Последично, санационата е неизбежна. Во економијата, финансиите, енергетиката, здравството, интегративните и надворешните работи. Едноставно е. Но и поприлично комплицирано.
Додека не (се) сфати дека се додека лостовите на моќта во Македонија се надвор од легитимната политика и нејзините државни граници, земјава нема да може да биде суштински дел од НАТО, туку само нему позајмена економски и политички дисфункционална територија, употреблива за уфрлање валкани пари и влијанија од поблискиот и подалечниот Исток кон запад. Со сите последици што веќе се познати.