Бугарски летоци и албански сепаратисти: Програмање на на(ра)цијата 1991-2021
7 ноември 2021·Ивон Величковски

Оние кои ги следат изборите од 1990 до денес ќе се сетат на аферата со „бугарските летоци“, со кои на ВМРО-ДПМНЕ му се пришиваше имиџот на пробугарска партија. И покрај аферата, таа неспорно се валоризираше кај гласачите како најбројна во Собранието 1990-94 и како морален победник на бојкотираниот мандат 1994-98.
Меѓу „Бит Пазар“ и „Гостивар“, интензитетот на тензијата во Македонија го држеше и аферата „Паравојска“ за „вооружување на Албанците“, иако оружјето го имаат подигано во договор со тогашните македонски власти и по список (?!), за евентуална одбрана на осамостоената Македонија од СР Југославија (Србија на Милошевиќ).
При атентатот на Глигоров, веднаш беа посочени „соодветните“ основни сомнежи: пробугарски вмровски екстремисти поврзани со бугарски „Мултигруп“ и албански екстремисти поврзани со „албанската мафија“. Какво „чудо“: истрагата од 1995 до денес „тапка во место“.
При крајот на летово од нигде-никаде, како се појави – така и ја снема „Иницијативата за Илирида“. Пред вториот круг на локалните избори во Скопје беа лиферувани „летоци“ за неприфатливоста на „кметката Арсовска“ поради нејзиното двојно државјанство.
Тековната политичка криза јасно се исцртува во триаголникот меѓу европското спроведување на Договорот Скопје-Софија, евроатланската Северна Македонија и проектирањето на зоната на влијание на „Српскиот свет“ (во Косово, Црна Гора и БиХ, сосе Македонија) како нивна спротивност. Последично, во точката на пресекот на различните пристапи кон Балканот во и меѓу Брисел и Вашингтон.
За полесно да ја пребродиме, корисно е секој од нас Македонците да си одговори на неколку прашања и на тие одговори да градиме политика во интерес на народот и нацијата. Следствено, вака:
Дали сум Македонец/ка? Да. Од припадноста во македонскиот народ немам материјална добивка ниту ја очекувам.
Дали како Македонец/ка имам поголемо или помало значење од припадник/чка на друг народ? Не. Ти си знаеш за себе, јас си знам за себе кој/а сум и што сум.
Дали сум задоволен/на од својата држава? Од имањето држава – да. Од нејзините корумпирани институции и политичари – не.
Кој е до мене во државата? Албанците. Различни се од мене? Да. Зборуваат на друг јазик? Да. Знаат кои се и што се? Да. Ме спречуваат да бидам Македонец/ка? Не. Дали сум им земал/а нивно или тие мене нешто мое? Не.
Дали треба да се сакаме? Не. Доста беше „Братство и единство“. Дали треба да се почитуваме? Да.
Затоа, како Македонци последично треба колективно да си одговориме на прашањето „Што добиваме?“ ако во градењето и работењето на државата и институциите инсистираме да се потпираме на „Албанци по наш терк“?
Па од 1946 наваму тоа е така и затоа вака ги минувавме 1990-тите, 2001, се до денес.
Дали Македонија е „помакедонска“? Со најмалку 250.000 иселени и 30% жители во сиромаштија? Со шопинг-центрар економија и банкаро-стабилократска клепто-власт? Како потенцијално мезе во секое регионално премрежје?
Албанците немаат потреба од северномакедонски Рахман Морина во левичарско-протестна ниту во ердоганистичко-клерикална верзија. Ние, Македонците, уште помалку.
Како Македонци имаме потреба од политика со етно-национална визија. Засега квази-традиционалните или квази-протестни партии сеедно само ги следат фондациските правци, проектирајќи ги час Македонците, час Албанците де по етно-национална, де по религиска основа. Меѓу себе, едни во однос на други и последично кон Бугарите, Србите и Грците. Загрозувајќи ги пред се Македонците.
Таквиот пристап од доцните 1970-ти веќе ги инструментализираше неправославните Македонци центрифугирајќи ги на маргините на македонството.
Денес тековната пост-југословенска криза во поддринскиот регион се заканува по идентитетите на Македонците, Црногорците и Бошњаците и во Македонија проектира конфронтирање на Македонците со Албанците и Бугарите. Вака во прашање си ја доведуваме одржливоста на народот, нацијата и државата.
Па пред да влетаме во етно-државен авантуризам насочен кон тоа Македонија и Македонците пак да останат вон европските и меѓународните државни и безбедносни асоцијации кои не вбројуваат во живите и рамноправните народи, да одлучиме:
Дали Вардар не спојува или разграничува со Албанците?
Само пресушен Вардар нема да не спојува оти без вода нема живот туку само суво речно корито, изумрени риби, камења и зафрлени апарати за домаќинство во него. Затоа, пред да се разграничуваме, да видиме колку тоа ни е штетно и да се запрашаме – кому тоа му одговара?
Само на југословенистичката матрица, на која Македонија самата и се нуди како коридор што белграѓани ќе го минуваат со затнат нос додека одат на летување на Халкидики.
Затоа за договор меѓу Скопје и Атина требаа двеипол децении за да дојдеме до решение што и не се разликува од почетното и ете зошто сега се прават обидите имплементацијата на договорот меѓу Скопје и Софија да потрае уште двеипол децении.
Предвремените избори или новата влада сеедно нема да бидат решение без да (си) одговориме на овие прашања. И да ги препознаеме, благо кажано, произведените предизвици.