НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Поставувањето кон Софискиот и Преспанскиот договор и кон стабилно мнозинство или предвремени избори ја дефинира разликата меѓу Претседател и шеф на државата. И меѓу политички лидери и партиски претседатели во Македонија.

15 ноември 2021·Ивон Величковски
За разбирање на суштината и длабочината на тековната политичка криза која допрва ќе се развива, корисно е да се следи поставувањето на Пендаровски кон неа.
Конкретно, инсистирањето на Претседателот на Републиката на темата чие е партиското мнозинство во Собранието. Со тоа, имено, тој се отстранува од листата институционални фактори способни за конструктивно надпартиско решавање на домашно-политичките предизвици и, со тоа, за спроведување на нашите државно-преземени меѓународно-правни обврски.
Кога лани пред предвремените парламентарни избори организираше скратени лидерски средби меѓу Заев и Мицкоски, Пендаровски влезе во моделирањето предвремени избори за нов парламентарен состав со премолчана согласност на системските партии на Македонците за испраќање на ДУИ во опозиција. Иако беше и нејзин кандидат.
Тековниот обид за промена на мнозинството го врати Заев на Ахмети како во 2016. Мицкоски одби соработка со Ахмети уште лани, иако беше упатен на неа. Така „крпењето“ на „едното општество за сите“ практично киксна и во јули 2020 и во ноември 2021, кога легитимните политички претставници на Македонците и Албанците не формираа Влада со цврста евроатланска и ЕУ-интегративна ориентација на Северна Македонија.
Можноста за надпартиска влада за корекција сега исто е пропуштена на догледно време: на ред е докажување на партиите и политичарите според преземање политичка одговорност за остварување на процесите и приоритетите. Тековното пребројување на мнозинството, затоа, е и изнудена и корисна операција.
Македонија е во НАТО, но и НАТО е во Македонија. „Ние кај нив на баклава, тие кај нас на вапцани јајца“ е презрен фолклор на етно-православната проекција на Македонците (Србите, Власите) и етно-муслиманската проекција на Албанците (Турците, Бошњаците, Ромите) за поделените општества да не произведат единствен, национален, „северномакедонски“ полит-економски правец на државата и народите во неа. Вака гледано и „мулти-култи“ коалицирањето на опозицијата по фондациски и старо-кадровски ќефови спречи политика на реализирање национални приоритети.
Од XIX век австро-унгарската, руската и отоманската политика кон Балканот и Македонија ставале приоритет на етно-религиската пред нацио-политичката дефиниција на народите во нив. Ердоганистичко-путинистичко-орбанистичките доктрини засновани на овие правци кон Балканот и балканските народи и кон Македонија и Македонците, затоа, лесно се препознатливи и денес.
Консолидирањето на јужното крило на НАТО и внесувањето на Балканот во ЕУ, но и на ЕУ во Балканот, се темелат на рационално решавање на прашањата низ државите наместо на емоцио-религиски колорит. И ни ги дестилира партиите и политичарите: кој е, а кој не е на орбанистичко-ердоганистичко-путинистичкиот правец спротивставен на ЕУ и НАТО профилирањето на Македонија и регионот (Албанија, Косово, Црна Гора и БиХ).
Спротивставувањето на уредувањето и интегрирањето на регионот оштети многу партиски и поединечни политички капацитети. Оние што спроведуваа ју-идео-политички диференцијации во 1980-тите, сега гео-политички се диференцираат себеси и своите политики и пред сојузниците и во Македонија. Без оглед на тоа како моментално тие (или нивните деца) се распоредени низ партиите на Македонците.
Поставувањето на Пендаровски како спонзор на парто-парламентарната криза наместо како чесен посредник во нејзиното решавање го оштети Претседателот на Републиката и свесно или случајно го оддалечи од влијание во спроведувањето на Софискиот договор и нашето ЕУ приближување. Кое и онака не е извесно.
Пактирањето со екс-претседателите на Републиката на овој (МАНУ) правец ги засегна еднакво и Црвенковски и Иванов.
Извесниот избор на носител на овој процес во Бугарија (низ претседателот Радев) и потенцијалното конечно формирање Влада во Софија одговараат на деблокирањето на северномакедонските (и регионалните) евроинтеграции. За тоа разбирањето ќе расте и во Брисел, Берлин, Париз и Хаг, како што веќе го има во Вашингтон. Вила „Водно“ или ќе престане да го блокира процесот или ќе биде нужно бајпасирана.
Провладините мегафони по одржувањето на Владата на Заев побрзаа да го прогласат Ахмети за „народен херој“. Истите што до лани гледаа да го пратат во опозиција. Пораката до нив е: оставката на Заев не е заборавена.
Проопозициските мегафони по одржувањето на Владата на Заев во Реџепи „открија“ опозициски „предавник и исламист“. Ова и идните вакви „откритија“ нема да ја намалат горчината на „предвременото востание“ со интерпелацијата на Владата. Ниту посериозно ќе го попречат спроведувањето на Софискиот и Преспанскиот договор.
Играњето на Македонците на картата на системски, „чесни“ Албанци според југо-македонски стандарди не доведе до тука. Играњето на картата на системските партии на Македонците од страна на Албанците нема да не однесе многу подалеку.
Домашната партиска сцена многу потсетува на Италија од 1960-тите, кога пресметката со мафијата стана претешка за нивните институции. Решението беа честите предвремени избори кои постојано ја менуваа коалиционо-партиската карта на власта со се поредуцирано влијание на мафијата, но не ја менуваше ориентацијата на државата.
Решителноста на една генерација израстена со италијанската транзиција од уставна монархија под диктатура во парламентарна република личи на применлива терапија во корумпираната, дисфункционална северномакедонска република.
По имплементацијата на Софискиот договор и последиците што таа ќе ги предизвика во партиите, коморите, медиумите... и во финансиско-контролните механизми на монополот на власта на системските Македонци (и Албанци) – споредбата ќе стане поразбирлива.