НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Чекајќи датум за датум: Драмите со оставката на Заев и „новото мнозинство“ е викотница за молк по вистинските прашања

22 ноември 2021·Ивон Величковски
Како е проектирана имплементацијата на Софискиот договор? Каква е имплементацијата на Преспанскиот договор? Во чие име Мицкоски (не) ги прифаќа договорите?
„Реалноста на Преспанскиот“ е само констатација недоволна за враќање на ВМРО-ДПМНЕ на власт. Премолчувањето на Софискиот потпаѓа во истото „констатирање на реалноста“ која на договорот треба да му даде третман на „документ“, но не и обврска за партијата. Како Времената спогодба пред Кичевскиот конгрес за љубчовото ВМРО-ДПМНЕ во 1996.
Двеипол децении по Времената спогодба, ефектот е Преспански договор кој во себе ги содржи 90% истите одредби и – ново географско уставно име на државата ерга омнес. А во десетте преостанати проценти Македонците ги определи „ексклузивно“ внатре географската одредница.
Нерешениот спор, пак, ја држеше Поранешната југословенска Република Македонија во југо-зоната на конфликт, удба-приватизациската криминализација на државата и рекетизација на политиката на Скопје.
Слично денес, одложената имплементација на договорите со Софија (и Атина според реакциите од таму) Македонија ја прават порозна по истиот правец на старите врски кои и во новата реалност Скопје го ставаат во „огнената линија“ на путинизам-орбанизам-ердоганизмот, зачинет со „српскиот свет“ на Вучиќ како замена за скратената Југославија на Милошевиќ.
Предвременото „востание“ против владиното мнозинството, оттука, е директна порака дека денес домашната партиска и меѓународната јавност немаат ниту нерви ниту време за повторување на игрите во кои Македонија (и Албанија, но и Црна Гора, Косово и БиХ) повторно остануваат валута во пазарењето цена за повторно враќање на Белград кон Вашингтон и Брисел од Москва и Пекинг.
Конкретно за најголемата опозициска партија и нивните (потенцијални) коалиционери пораката е и дека широкиот консензус на Албанците во Македонија е кон стратешкиот правец на државата, а не кон тоа кој партнер им се допаѓа на Македонците „да го земат во Влада“.
Но пред се дека ваков консензус за Македонија се очекува од (партиите на) Македонците. Заедно со свеста дека како што сите народи во регионот беа упатени на компромиси што ги доживуваа како болни, а им отворија иднина - истото не чека и нас, Македонците.
Ако Новата република може да го препознае потребното и да го застапува моментално непопуларното но корисно, тогаш најголемата опозициска партија тоа сигурно го знае и може и порано и повеќе.
На пр. кога во 2011 некои меѓу нас тврдеа дека Собранието, а не некаков магловит референдум ќе го утврди конечниот договор со Атина, тоа не беше популарно. 2018 потврди дека референдумот беше само крпа на оние кои низ него бараа „чистење на политичката совест“.
Сега повторно може да бираме: губење време или одење напред. Изборот пак зависи од тоа кој кому (дали) и што му должи.
ВМРО-ДПМНЕ е (фактички) составен дел од ратификацијата на Преспанскиот. Негови (потоа исклучени пратеници) беа дел од процедурата за промена на Уставот.
Тоа е доволна основа за оваа нивна политичка генерација да се соочи со себе. И оттука да го адаптира пристапот оти „констатирањето реалност“ е небитно, а само „прифаќањето“ на договореното е недоволно.
Јасна позиција за примена на договореното во интерес на нацијата по слово и дух на потпишаното е минимумот. Притоа, не зборувам за очекувањата на „странците“.
Ова е приоритет за опозицијата да не се изолира од уште едно клучно решавање на поврзаното прашање за Македонците и државата – утврдувањето чекори за имплементација на Софискиот договор.
Мицкоски нема конкуренција на претстојниот партиски конгрес. Но доколку си намени само улога на палир на новите градоначалници одејќи на секој поставен багер во „освоените“ општини, неговиот конгрес ќе има исто значење како и минатогодишниот за Заев. Кој една година по унисониот избор демисионира и од Владата и од партијата.
„Ти кажувам ќерко, сети се снао“
Затоа, предлагам во Скопје да ги препрочитаме пораките на американските конгресмени до бугарскиот амбасадор во Вашингтон без проектираната триумф-наратива дека „готово е – ги стиснаа Бугарите“. Не се грижете – и тие и ние одамна сме „стиснати“.
Пораката од Конгресот до Софија упатена преку Стојчев е дека блокадата „...ја отвора вратата за анти-западни политички влијанија во регионот, особено од Кина и Русија... Токму затоа, ве повикуваме да постигнете конечно решение за овој билатерален спор...“
Потребно е да сфатиме дека и Скопје ќе ја добие истата порака доколку не го дадеме својот максимум во изнаоѓањето на решението – водејќи се од северномакедонскиот национален, македонскиот етнички и регионалниот колективен интерес. Затоа овој спор е вратен меѓу државите, а не е оставен како до пред пет години да тлее меѓу народите.
Скопје не е препуштено само на себе во спорот. Но целта на САД не е да понижат еден на сметка на друг свој сојузник, туку да ги види своите сојузници без меѓусебни триења во кои се губи енергијата потребна за предизвиците наметнати од оние што не ни се сојузници.
Победата на Радев вчера, по онаа на Петков минатата недела ја ресетира бугарската полит-сцена и најави засилено дејство на Магницки Актот во ЈИЕ. Извршната наредба на Бајден во однос на Западниот Балкан во следниот период ќе добие поголема смисла. Крајот на кампањата таму е крај за политиката на изјави.
Но, тоа не значи дека Софија ќе се повлече од своите позиции: оние кои не ни се пријатни во нивната Декларација на Народното собрание или оние кои не сакаме да ги видиме – дека Македонците и македонскиот јазик за Софија се факт. Но и дека прашањето на Бугарите во Македонија е исто факт со кој нејугословенско Скопје е време да се соочи.
Затоа, во очекување на новата бугарска влада и временскиот теснец по таа основа, да се фокусираме на потребното и возможното: на потенцијалот на „датум за добивање датум“ за почеток на ЕУ-интегративните преговори. Владините мнозинства потоа природно ќе се дефинираат во ова или во следното Собрание.
Игнорирајќи ги петардите на медиа „интелектуалата“ која 30 години не држеше надвор од НАТО и сеуште гледа како да не држи подалеку од ЕУ ако не може да се вгради во процесот. Разбирајќи дека гаранција за успех е користењето на расположливата временска рамка, а не пикањето прав под ќилимот.