Кога по Груевски остана груевизмот и по Заев – заевизмот, „Северна“ (о)стана единствена гаранција за постоењето на (унитарна) Македонија.
4 декември 2021·Ивон Величковски

ЕУ и спроведувањето на Софискиот/ Преспанскиот договор, пак, стануваат средство за Македонија да престане да биде само поранешна југословенска република и да прерасне во – држава.
На овие премиси во 2022 ќе градиме парто-политички процеси и институционални перформанси.
Очигледниот обид да се занимаваме со секакви „шајшутки“, но не и со битното деновиве кулминира во тивка согласност меѓу „Бихаќка“ и „Бела Палата“.
При сите пораки и активности на новата Влада и континуитетот на Претседателот на Бугарија, мак-медиумите шоуто за македонската јавност го држат во триаголникот: владино мнозинство, конгреси на СДСМ/ВМРО-ДПМНЕ и ред клетви, ред флертови кон ДУИ.
Со молк и импровизации за државните ставови по есенцијалното за македонскиот народ и за нацијата. Затоа пораката е:
Запрете пред Македонија и Македонците да отидеме по ѓаволите
И во и вон Македонија е јасно дека со вакви постапки и реторика на Заев, Мицкоски (Пендаровски, Црвенковски, Груевски...) во или околу Владата и Собранието, ние, Македонците сме се поблиску да бидеме сместени во временска дефиниција меѓу 1991 и 2018. Притоа, ним македонизмот им е средство за одржување привилегии на естаблишментот, а нам нивниот југо-македонизам ни е „гаранција“ за загрозен идентитет.
Со промената на пристапот од 2020, спорот веќе не е историско-емотивен и меѓу народите, туку е правно-политички меѓу држави одговорни за своите граѓани, соседите, регионот, сојузниците и интеграциите.
Постоењето на Македонците не е спорно за Софија, но опасноста од незаинтересираноста на политичко Скопје за суштинско имплементирање на договорот во историјата ќе инклинира на истата правно-политичка временска рамка и при толкувањето на одделноста меѓу бугарскиот и македонскиот народ.
Според која, ригидно, одредница веќе не ќе е крајот на XIX век ниту Илинден 1903, туку оној од 1944.
Нашето изигрување на спроведувањето на Софискиот договор ќе го легитимира ваквото толкување, доколку македонските партии не се ослободат од анти-политиката, а северномакедонските институции не излезат од југо-матрицата на „држава со 24 милиони жители“.
Правно-политичкиот пристап затоа ни е предизвик, но и можност. Тој го отвора прашањето на правата на 130.000 носители на бугарски пасоши во Македонија и уште 40-тина илјади во процедура.
Она што Груевски и Црвенковски го игнорираа, а нивните медиа-бардови го потценуваа како „социјално прашање“, за Софија, но и за Брисел и Вашингтон е фактичка бројка. На Бугари во Македонија, кои пасошот го стекнале според потпишана изјава за етничко чувство (лично и на нивните (пра)родители).
Закопувањето на главата во песок не значи дека тие луѓе не постојат. Напротив, за неколку години, со ваква политика, бројот ќе биде дуплиран.
Непријатно, но и потребно е да си признаеме дека обидот Бугарите во Македонија да бидат претставени како малцинство, а не како припадници на народ со еднаква уставна дефиниција како албанскиот, турскиот, српскиот, ромскиот, бошњачкиот... или тоа да се услови како наша „услуга по приемот во ЕУ“ ќе ни се врати по глава на нас – Македонците.
И ќе стане адут на надворешната политика на Софија која, со најавената Влада и министер за надворешни работи, очигледно е далеку пофокусирана на ова прашање од политиките на владата на СДСМ (да глумиме дека нешто решаваме) или принципите на ВМРО-ДПМНЕ (ќе го поништиме договорот) и Софија ќе ја стави во поповолна позиција од Скопје.
Точно е – и Софискиот, како и Преспанскиот договор се асиметрични
Дефинирањето на „симетричната асиметричност“ на САД/ЕУ пристапот кон отворените спорови меѓу земјите во регионот е маестрална. За нас и болна, но реална и отрезнувачка. А комплетна е со констатацијата дека Русија низ Србија (и Република Српска) ќе ја проблематизира моралноста на таа (а)симетричност се додека низ неа се легитимираат споровите или разединетостите во ЈИЕ преку кои си обезбедува регионално присуство.
Затоа, опозицијата нема причина за триумф кога Албанија би била издвоена од Македонија на патот кон ЕУ поради ветото од Бугарија. И власта мора да е свесна дека Македонците нема да бидат доминантни ниту кон Албанците закочени во интегративниот процес, ниту кон Бугарите кои веќе се во ЕУ. Кога Димитров инсистираше Скопје да не ја чека Тирана, неколкумина укажавме дека тоа е штетно. Истите и Милошоски денес го потсетуваме дека ќе платиме скапа цена ако Скопје тргне кон Брисел чекајќи на Сараево.
Игнорирајќи ја и оваа комплексност на неспроведувањето на Софискиот договор, Скопје (повторно) му се става на располагање на вучиќевиот Белград. Кој, на овонеделниот собир на владејачката партија кажа дека продолжува со Москва.
Она што Македонците во власта и опозицијата треба да го знаат е дека на тој начин тие, нивните лидерства и поддржувачите на пристапот на одлагање на проблемот – го подриваат јужното крило на НАТО, го пресекуваат безбедносниот и транспортен коридор Варна-Драч и го попречуваат стратешкото партнерство меѓу Вашингтон и Скопје.
Мегафоните на југо-македонската медиумска, партиска и бизнис-коморска школа нема ни да спомнат, а не пак да потсетат дека поморски – граница и „огнена линија“ со Русија во Црното Море се Романија и – Бугарија.
Затоа, по кадровско-конгресната шминка, препорачлив е неколкумесечен партиски мораториум на молкот по клучните прашања и активно чистење на талозите на груевизмот и заевизмот – како во партиите, така и во медиумите и бизнисот.
Тивкото мнозинство на непреставените и несистемските Македонци одби да влезе во сервираната антиалбанска и антибугарска реторика. Ние продолжуваме и со презирот како кон бриселските дипломати и кон сопствените политичари кои се полни со Европа пред избори и со евра по секој изминат мандат додека ние осиромашуваме и иселуваме.
Денес се бројни критичарите на Заев. Истите кои му го поддржуваа подемот, подземно се договараа со него, му ги легитимираа (домашните) политики и профитираа од таквата поддршка. Пред тоа со Груевски. По Заев, со Мицкоски, Ковачевски...
За разлика од нив, не има такви кои од 2008 до денес на принципиелните договори дома и со соседите гледаме како на влог во одржливоста на земјата и профит на луѓето наместо на пар партии, кланови и нивни миленици. И го претставуваме тивкото мнозинство Македонци зантересирани за решенија донесени во Скопје.
Оти од белградските пулени позајмени на Брисел и Вашингтон – до тука стигнавме.