НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Нема евтино централно греење без опфат на корисници и јасна регулатива. Се друго е популизам за штитење на бизнисот со струја

12 јануари 2022·Ивон Величковски
Ковачевски, Битиќи, Арсовска, Мицкоски, Бислимовски, Апасиев... доста (се) залажувате: Нема евтино централно греење без опфат на корисници и јасна регулатива. Се друго е популизам зад кој се крие штитење на бизнисот со струја. Оти во основа – енергетскиот пазар е целно регулиран.
Нашата цел како Движење за Нова Република е достапно централно греење и намалени потрошувачка на струја и загадување во градовите за 15 евра месечно, 12 месеци во годината за 60 метри квадратни станбен простор во кои живее просечно семејство.
А еве го концептот за греење за најмногу 900 денари месечно. Тој не им одговара на Хаџимишевци, Јосифовци и сите „јунаци на приватизацијата“ создадени од владите Црвенковски, Георгиевски, Бучковски, Груевски, Заев.
Фаза 1: Регулатива за задолжително парно греење во сите станбени единици во градовите каде има централен систем на греење и утврден максимум на износот по метар квадратен според средна вредност на употребениот енергенс за загревање во последните 2 години.
Животот во град носи предности: маркети, образовни и медицински услуги, домување и одржување, чиста вода и канализација, дезинсекција и дератизација, градски превоз... достапни во местото на живеење во урбана средина. Според стандарди и правила.
Едно од правилата е дека таму каде има систем на централно греење – правото на избор на загревањето е второстепено, зад правилата на колективното домување во градот.
Не сакам да се грејам на парно во Скопје? Тогаш се селам во Зелениково, Сопиште, Чучер Сандево... Не можам да си дозволам 15 евра месечно за греење во Скопје? Не е лесно, но ќе се преселам каде ми е поевтино, а имам достоинство и квалитет на живеење. Доста глумиме „ѕвезди“ на кредит.
Имам куќа или стан без централно греење. ОК, мојата струја ќе ја набавувам вон системот на снабдување со струја за домаќинства. Таа е гарантирана за просечното домаќинство, а јас плаќам повеќе оти сакам комфор вон стандард. Штом заврши приклучувањето на станбените единици на мрежата, месечна еколошка такса од евро по метар квадратен станбена површина плус си ја плаќам во Агенцијата за домување.
Ако имам дом каде никогаш немало централно греење, пак, инсталирањето можам да го исплаќам до 60 рати, но не повеќе од 5 евра месечно. Просторот на потстаниците во зградите го уредува Агенцијата за домување.
Фаза 2 во Скопје: Секој стан со свој калориметар. Снабдувачот со топлинска енергија на свој трошок вградува мерач за снабдување со топлина. На крајот секој плаќа онолку колку што потрошил. Некое време не живеам во станот? Нема проблем. Плаќам минимум за тоа време, оти во мојот простор мора да се емитува минимум топлина, па ако соседот месечно плаќа 900 денари, јас за тоа време ќе платам 200 денари, а во зградата сепак нема загуба на топлина.
Фаза 3 вон Скопје: Ширењето на централното греење треба да се проектира и во околината на Градот во следната деценија. Како што Битола и битолско конечно организира систем на централно греење за да ја користи топлината од РЕК-от, а дел од Скопје се грее на ефектот од „Железарница“ или „ТеТо“, треба да се провери искористивоста на топлината од ТЕЦ „Осломеј“ за Кичево или на термалните води во Кочани. Истото важи и за потенцијалот на снабдувањето со топлинска енергија на Неготино и Кавадарци близу ваквиот или идно гасифицираниот ТЕЦ „Неготино“. Струмица цела деценија внесува течен гас па го става во функција за индустриските објекти. Што е со греењето?
Ова го имаме пропуштено изминативе 30 години: пристоен и финансиски одржлив систем на централно греење, кое е добивка за сите граѓани: со топли домови, без сеча и набавка на дрва, скапа нафта за домаќинство и печки во соба-две... И без мирис на дрва и изгорена пластика од кои печат очите и грлото, без пожари од запалени греалки и преоптеретени електрични мрежи...
Тогаш на сцена доаѓа регионалниот развој низ координација на централната и локалната власт, како во однос на формирањето одржливи системи за централно греење, така и во што помасовно зголемување на енергетската ефикасност на објектите низ достапни комерцијални кредити и средства од локалната самоуправа за таа намена. Но пред се во престанок на обврските на старите партии и нивните сателити кон профитите на „Топлификација“, „БЕГ“, „Макпетрол“...
И да, овде нема популизам туку прецизна математика, стратегија и решителност. Правата и обврските одат заедно. На граѓаните – кон себе и градот каде живеат. На политичарите и функционерите – кон граѓаните кои ги избирале и кон економските оператори кои треба да пружат услуга и од неа да остварат приход за вработените и профит за акционерите и за инвестирање во развој на мрежата. Плус вака парното во Скопје не го плаќа Македонија.
Останува изборот дали фирмите ќе бидат јавни или приватни. Екс-катедра економистите во сите партии знаат само за бизнис со државни пари и тендери. Тие најлесно повикуваат на национализација и државна интервенција.
Ние реалистите, пак, знаеме дека секое јавно претпријатие ќе остане само место за вработување партиски кадри и извор на загуби што ќе ги покриваме со даноци и јавно задолжување.
Затоа, баталете дневно-партиски препукувања и фатете се за работа. Доста го зборувате она што мислите дека просечниот гласач сака да го чуе, туку направете го она што му треба на просечниот човек.