Заборавете го митот на Неврзаните, во Украина се брани и Македонија
27 јануари 2022·Ивон Величковски


Ботовскиот потсмев кон сопствената Армија и стоењето со нашите НАТО сојузници не е ништо освен жртвување на националниот интерес во име на власт, макар тоа не оддалечило од сопствената слобода. Ако се врати на позициите на југо-македонистистите за Македонија како скриен набљудувач, критиката кон министерот за одбрана е легитимна.
Додека повеќеполовиот свет исцртува нова Јалта, за разлика од 1940-тите имаме можност да бидеме повеќе од територија за која одлучуваат други и не смееме да ја пропуштиме шансата.
Исто како и целата опозиција, во која секој може да избере дали ќе биде опозиција на државата или на власта.
Избирајќи го второто, да се соочиме дека Украина го разобличува инструментализирањето на православието и панславизмот од Кремљ. Православната црква вековно влијае врз уредувањето на односите во Русија уште од Иван Грозни, а се бори за примат во православието по шизмата и падот на Константинопол. Внатрешно-кохезионата улога на црквата за Русија ќе ја употреби и Сталин при одбраната од нацистичката инвазија. Но вековно РПЦ е и дипло-политичко средство на руската надворешна политика кон словенскиот и православниот свет во Источна Европа и Балканот.
За цело тоа време, а особено од XVIII век, Руската православна црква смета на „паствата“ пред канонот како аргумент за маргинализирање на Вселенската Патријаршија, на која се упатени непризнаените православни Македонска, Украинска и Црногорска црква.
РПЦ (во содејство со СПЦ) еднакво им го спори правото на автокефалност. А де-факто ни го спорат националниот идентитет. Истата линија на (поголеми или помали) премрежја се поклопува во Киев, Скопје и Подгорица последнава деценија.
Површински гледано, ова е поделба на „Нато“ и „Руско“ православие. Но, во суштина, тоа е најземски обид на Москва за одржување на политичкото влијание низ културолошко-религиска доминација во „православниот простор“ од Дрина до Црното Море. За илустрација, Русија бара повлекување на НАТО базите во Романија и Бугарија кои ги немало до 1997, согласно „договор“. Но, зошто тогаш Москва не бара повлекување на базите од Албанија и Хрватска кои тогаш исто не се во НАТО?
Ова е само дел од причините зошто политичко Скопје треба да продолжи со расчистување на московското влијание низ белградското наследство во македонската политичка мисла и северномакедонската институционалност. Особено расчистувајќи ја наметнатата надменост на Скопје кон Тирана, Софија, Приштина и Атина втемелена на дипломатија за потребите на југословенски Белград. Надменост што и 30 години не држеше внатрешно-некохезивни и проба да не одржи регионално проблематични и пошироко невклучливи.
Интересни се прашањата зошто некои Македонци не ја поддржуваат Украина која ја снабдуваше Македонија со оружје во кризата 2001. Но, вистински би биле доколку прашаат зошто Москва (Русија) низ Белград (СРЈ, Србија) ја инструментализираше македонската политика што ја делеше земјата „до и од Групчин“, доведе до 2001-та и сеуште сака да го постигне истиот ефект?
Одговорот е едноставен: само фрагментирана Македонија и обесхрабрени Македонци создаваат порозност за Источни влијанија кои не се само руски. А тие влијанија сеуште пробуваат да ги антагонизираат Македонците со сите сосредоточувајќи ја пропагандата во:
„Фали само искра да се запукаме“ и „Го дадоа идентитетот“
Да почнеме од последното: ботовите ќе премолчат дека националниот идентитет е политичка категорија што се идентификува според државноста, а етничкиот е изворно чувство. Националниот идентитет во (Северна) Македонија, затоа, е поврзан со државотворноста од 1944. Етничкиот идентитет на Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците, Власите... но и Бугарите, Хрватите, Црногорците... пак, не зависи од преамбулите и уставите 1945, 1961, 1974 или 1991, туку од личната определба и него си го носиме секој од нас, живееле во Македонија или Мадагаскар, сеедно.
Бидејќи одржувањето на споровите е тенденција на сите коишто без спорови се само учесници, а не креатори на дебатата и вечни шефови на институциите, решавањето на спорот со Бугарија во институционални рамки, според словото и духот на потпишаното е рецептот за одржливи решенија за Македонија и нашиот напредок.
Квази „јавноста“ (академици, професори, опинионисти, нво-активисти, мрежни ботови... кои досега ја држеа темата на преговорите во езотеричното и емотивното, а наплаќаа конвертибилно) е свесна за опасноста по нив.
Ние, пак сме свесни дека тие се опасност за нас - и за нацијата и за македонскиот народ.
Сфаќањето на општеството дека анти-албанството, анти-бугарството и секоја анти-политика на Македонците е всушност анти-македонска политика не приближува кон сојузниците, па стравот е во солидарноста на Македонија со Украина: Штом ние, Македонците, како народ што меѓу последните ја стекнал својата слобода на Балканот застанеме во редот на сите што ги разбираме и поддржуваме Украинците, источната нарација што ни продирала од север ја изгубила својата сила.
И не подготвува за следната Јалта да не ја чекаме прашувајќи се каде ќе припаднеме, туку припаѓајќи во Западниот свет ќе се грижиме за нашите вредности. И за нас самите.
Всушност, сте се запрашале ли колку тоа од нас се очекува и во Белград, Подгорица, Сараево и Кишињев? За Атина, Софија, Букурешт, Загреб... Брисел и Вашингтон и да не зборуваме?