Украинската криза разобличи многу предрасуди. Особено за "идилата" на словенското братство под патронат на Кремљ
23 февруари 2022·Ивон Величковски


Украинската криза разобличи многу предрасуди. Особено за "идилата" на словенското братство под патронат на Кремљ и за „загрозата“ по идентитетот на Македонците интегрирани во ЕУ и НАТО.
Oбете предрасуди се поставени на проектираниот сентимент дека пристапот на Москва е „филантропски“ кон Словените (на Балканот) и дека држењето до путинистичките антени во Белград е гаранцијата за Македонците, Србите, Црногорците... се додека се потпираат на руската надворешна политика.
Затоа не е изненадување што самопрогласената „јавност“ составена од остатоците на југословенската научна мисла, политичко-финансиска дејност и дипломатска форма во Скопје, во пензија или во зрела доба сеедно, низ институциите и контролираните медиуми, веќе три децении ги тера Македонците кон две стапици.
Првата со поврзувањето на прашањето на името со идентитетот на Македонците – по паметот на мудреците од Правниот факултет во Скопје, за по три децении сепак Бившата југословенска да стана НАТО-вска Македонија. Со истите Македонци во неа како и во 1991. И 1945 година пред тоа. И 1918 година пред тоа...
Второ, со потпикнување на тезата дека „времето работи за нас“. Истите екипи подмладени со протестни „јуноши“ и „фиделкастро“ позери и по 30 години пробуваат да ни го продадат истото: тие да штанцаат функционерски и професорски плати и хонорари чувајќи „идентитет“, а ние и нашите деца и внуци да плаќаме за нив и нивните деца одејќи на гурбет. Во такви околности, не е изненадувачка тековната
Парада на „проектите на Живаљевиќ“ низ неговите медиуми во Скопје
Затоа од нив нема да се чуе решение во рамки на процесите утврдени низ меѓудржавните договори. Ниту ќе се чуе коментар дека она што во очите на Кремљ се референдумите во Донбас и Лугањск се и потенцијалните „путинистички референдуми“ во косовска Северна Митровица, во молдавска Трансистрија... ама и тука, кај нас, како оној за Илирида од 1990-тите?!
„Линијата на огнот“ означена од државниот секретар Кери не беше случајна изјава пред повеќе од половина деценија. Ниту е случајно означувањето на „српскиот свет“ од министерот Вулин. Црковната дипломатија на Москва допрво ќе се насочи што кон Софија директно, што кон Скопје и Подгорица индиректно, преку СПЦ.
Но, без оглед на гласноста на југословенистичката „јавност“ во Македнија, промислената северномакедонска политика треба да се подготви за ефектите што ги создадоа пукнатините по означената „линија“ и во самото српско општество. Во него Белград, Нови Сад, Ниш, Краљево, Зајечар и Нови Пазар имаат се повидливи разлики во однос на развојот на нивната држава и прелевањето на ефектите од политиката меѓу Белград и Бања Лука. И меѓу Будимпешта и Белград. Изборните процеси од Алпите надолу тоа ќе ни го покажат пролетва.
Очекуваната долготрајност на украинската криза, затоа, е причина повеќе за подготвување на Македонија за соочување со неминовните „афтершокови“ кои веќе ги чувствуваме, за почеток економско-енергетски.
Чувството на нелагодно спокојство ни се должи на припадноста кон Северно-атланскиот сојуз. Но токму затоа не смееме да сме незаинтересирани за разврската на кризата во која Украина е избрана од Кремљ за почетна точка на реорганизирање на енергетската, финансиската и воената поставеност на Европа и Кавказот и обнова на советската сфера на влијание дефинирана по Јалта.
Напротив. овој пат Македонија и Македонците и воопшто Балканот се и мора да останат од оваа страна, а не да се вратат зад железната завеса. Идеолошко-економска во XX век, финаниско-културолошка во XXI век.
Секако, според старата народна, „Во секое зло има и нешто добро“.
За почеток, како меѓу граѓаните така и меѓу дипломатите во Македонија се расчистува маглата за тоа колку политичките дејци на Скопје и „нивните фини деца“ се само евтини „југословенски совјети“ преоблечени во костуми како проектни атлантисти и опен-балкан протагонисти или во црни кошули како валутни чегеваристи.
Со задоволство канети во западните амбасади, со нетрпение проследувани во фондациските медиуми, политички коректни до досадност, политички радикални до естрадност, есенцијално штетни за Македонците до отуѓеност од сопствената држава, потсмешливо презрени за сите соседи на Македонија и во регионот.
Нивните плачови, писанија и интервјуа денес се сеприсутни и зборуваат за нивната верзија на тоа што било, но не и за тоа што треба да се стори. И како такви – се неупотребливи за сојузниците и штетни за самите Македонци.
Затоа, моментално имаме три точки на расчистување: Една е Украина, првото од редицата домина што ако падне ќе ги собори сите во низа. Втората е Бугарија. Третата е обидот евро-атлантизмот на Македонија да биде вокално потиснат со проектирањето нарација на „неврзаност“ на Скопје по југословенски модел.
Непризнавањето на фактот дека во Украина се брани и Македонија, како и спротивставувањето на рационален и институционален пат на спроведувањето на Софискиот договор паралелно со изодувањето на патот кон Брисел е нудење на Македонците за колатерала во претстојните премрежја. Во интерес на остатоците на политичкото старо Скопје, спротивно на интересите на реалната, нова Македонија.