НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Корупцијата и нашите доларски „русофили“: Украина се бори за својата и нашата слобода. Од руските клептократи, олигарси и нивните антени

4 март 2022·Ивон Величковски
Разликата меѓу олигарсите и богаташите е тенка: „Полни“ се со пари, но до нив стигнале по различни патишта: „Обичните богаташи" преку пазарна иницијатива и комерцијални инвестиции, па се определуваат за политиките на нивните држави кои им овозможуваат на пазарни основи да го зголемат капиталот и профитот.
Олигарсите, пак, се лојални апаратчици на полит-службењачките структури од кои им се доверени финансии и монополи овозможени од државата за бизнис: од производство на енергенси и оружје до специфични технологии.
Затоа тие зависат од политичките гарнитури и, финансирајќи им го опстојувањето, си ги бранат личните и заедничките профити и привилегии.
Со тие профити го поддржуваат вонинституционалното контролирање на нивната војска, полиција и државен апарат, медиумите (за да не се слушне поинаква вистина од нивната), и „подизведувачите“ низ Европа и пошироко.
Ако се гребне под површината, се гледа дека олигарсите се произведени ширум екс-Варшавскиот пакт и СФРЈ при враќањето од планска во пазарна економија и низ сите војни од 1990-тите. За сите нив важи една заедничка почетна точка – преземање на сопственоста врз клучните дејности кои се функционални се додека се во содејство со јавните буџети.
Оттука, олигархискиот производ се само формално-пазарни национални економии од Русија до Кавказот и овде на Балканот, кои не се пазарно-натпреварувачки на европско или глобално ниво – за да не им ги загрозат личните интересите, а без државниот буџет – не се одржливи.
Контролата на ваквата поставеност им е од животно значење. Прва на патот им е Украина. Белорусија им е во џебот, а Србија се задушува во нивната прегратка, па по Украина го посакуваат враќањето на влијанието во целокупниот екс-социјалистички блок. И за таа цел ги анимираат сите свои инсталации во бизнисот, медиумите, политиката од Молдавија до Македонија.
Наследени од 1990, полни со „словенство“ и „православие“, гласни за анти-ваксерство, позери во анти-империјализмот... и толерирани од Западот?!
Западот денес гледа колку бил нереален во идејата дека само ќе ги преземе советско-југословенските „фини дечки“ и „се ќе биде ОК“.
А од Алпите и особено од Дрина надолу сега се гледа цената на спуштениот гард поради што, локално на пр., една бот-фарма за лажни вести и „спутник-вистини“ во Велес може непречено да работи цела деценија – на воздушна линија од 30 км од Калето. И цената на прелевањето на корупцијата низ западните општества каде спаѓаат и северномакедонското, молдавското, босанско-херцеговското, српското, црногорското.
Накусо, во регионот се соочуваме со последиците на омилените опинионисти, политичари, нво-активисти... кои на западните амбасадори им го кажуваа тоа што сакаа да го чујат и ги премолчуваа фактите што тие требаше да ги соочат во нивните метрополи. Оти и амбасадите сакаа такви соговорници.
Затоа, за да се одбраниме од ваквата олигархиска окупација низ инструментализираната руска држава која во Украина се развива воено, а кај нас пробува да се одржи економско-финансиски, медиумско-политички и културолошко-социолошки, за почеток
Да го провериме потеклото на имотите на нашите олигарси и системски политичари, функционери и новинари
За да се соочиме колку низ руско-српско-црногорско (и не само ова) подрачје од распадот на СССР и СФРЈ се прелевале финансии во Македонија со кои се создадени бизниси што денес се наметнати во (северно)македонското економско-политичко милје (државни и локални институции, комори) и социјалното милје (партии, медиуми, нво-и, верски заедници, јавна реч). И преку кого.
Дака претходно и Додик-јуниор се само видливи примери. Оние невидливите, подзаборавените и молчаливите се позначајни. И со подолгорочни последици што веќе ги чувствуваме 30 години.
Бачев-Апасиев-Стоиљковиќ-Јакимовски-Грчева се само очекувани ликови по кои нивните коалиционери Мицкоски/Николоски и Села/Таравари може да се диференцираат и да си го прочистат опкружувањето. Прекинувањето со заевизмот „протни интерес, глуми политика“ е еднакво точка на чистење или тонење на Владата на Ковачевски/Ахмети.
Да, тоа е мачен процес што ќе разјасни зошто македонските партии се поставуваа кон албанското прашање (не)свесно водејќи ја Македонија кон 2001, зошто Владите од 1996 до 2016 бегаа од договор со Бугарија и Грција и зошто македонската академско-тастатурна интелектуала распоредена низ партиите проб(ув)а да се постави неутрално кон руската агресија врз Украина. Поименично и „формациски“.
Затоа, кога ќе ви зборуваат за корупција со „100 грама кафе на доктор“, насмејте се бидејќи сеуште мислат дека нема да прашате од каде им се парите на домашните олигарси за да го приватизираат здравството, високо образование, енергетскиот сектор и да не деиндустријализираат до неодржливост, во соработка со нивните министри, судии, пратеници, безбедњаци, новинари.
Путиновата војна во Украина е појавната форма на корупцијата и автократијата низ нов хегемонизам и империјализам.
Македонија е на вистинската страна и со Европа (и САД) не е среќна да види нова, титаниумска завеса што одново се спушта на континентот.