НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Пензионирањето на последните генерации по ЈУС е шанса за деолигархизација на Македонија и депутинизација на општествата во земјата

15 март 2022·Ивон Величковски
Тековното пензионирање на една од последните генерации образовани и распоредени по „југословенски стандард“ (ЈУС) во безбедноста, одбраната, администрацијата и правосудството е темел за општествената, економската и финансиската деолигархизација на Македонија и депутинизација на општествата во земјата. Да го искористиме процесот.
Олигархијата е рбетот на авторитаризмот. Таа е паразитот што се храни од јавните пари собрани од секој од нас. Од раните 1990-ти располага со фирмите за приватизација, тендерите за јавни инвестиции и регрутирањето подизведувачи во сите битни сфери, од градежништво, банкарство и медиуми до прехрана и фармација.
Благонадежните од Сојузите на социјалистичката младина, на работниот народ и на комунистите уште со првите плурални избори беа распоредени по партиите, невладините организации, комората, институциите и медиумите, а најдоверливите „прераснаа“ во транзициони менаџери кои ги откупуваа фирмите за беспари.
А потоа ги продадоа или, уште полошо, ги уништија фирмите оти „знаеја“ да ги управуваат само со „одлука од горе“ и со парите од продажбата да изигруваат џет-сет од Владичин Хан до Богородица.
Исклучувајќи ги од процесот на приватизација сите несистемски Македонци и Немакедонци, нам ни фрлаа теми за „Клети Шиптари“, „Бугари-Татари“ и „Грци-Цигани“, а тие си ги префрлаа финансиите во дејности кои не зависат од пазар, туку од јавните набавки и контролираната власт.
Со толеранција од западните амбасади кои го спуштаа гардот во еуфоријата на рушењето на „железната завеса“ во Источна и Југоисточна Европа и избираа да се зближени со „елитата“, но оддалечени од реалноста на луѓето.
Олигархиската приватизација на фирмите во овие 30 години што доведе тие да ја имаат контролата на буџетот на државата и локалната самоуправа беше спроведена "законски". Но кога реално 0 (нула) оспорени приватизации добија судска развршница, неказнивоста стана правило, а силата на „мускулите и пиштолите“ легитимирана пракса на грабеж.
На „фините“ во бела кошула, кои зборуваа за демократија, а бараа путинистичка „цврста рака“ со која веќе се стиснале, поздравиле и договориле за процентот. Движејќи ги парите од буџетот, низ субвенции и тендери, на сопствени и партнерски сметки во даночните рајови низ Европа и светот.
Бидејќи правната разрешница требаше да биде овозможена од органите и институциите во кои кадрите по ЈУС беа насекаде – од функционери во МВР до истражители на обвинителствата, неминовен заклучок е дека темелното ништење на системот е наменско – за системот да остане корупка на олигархијата, наместо средство за сите граѓани.
30 години потоа, втората и третата генерација сака да живее во илузијата на "угледни семејства" бизнисмени, креатори на јавно мислење и незаменлива управна каста што на јавноста ќе и потура љубов кон Путин и панславизмот, а ќе брои долари и евра на конто.
Исто како што нивните предци се колнеа во Тито, а лапаа општествени станови и бараки за деца и внуци.
Ако сакаме да им го нарушиме комодитетот и да си ги вратиме парите, да спроведеме операција на потекло на имотот на дваесетина семејства, што ќе ги отвори и нив и нивните соработници распоредени по ЈУС низ одбранбените, безбедносните служби, правосудството и медиумите.
Без тој процес да го водат нивните наследници што сега сакаат да се протнат по истиот модел во истите институции.
Избегнатата лустрација ги спаси од општествената осуда, но ваквата истрага на потеклото на имотот и ветингот во овие области нема да ги спаси од (за нив) најстрашната казна – губењето на нелегалниот имот, капитал и општествено, финансиско и политичко влијание.
И со тоа ќе им ја редуцира соработничката способност со силите кои Македонија сакаа да ја држат вон НАТО и сеуште работат на тоа да ја одржат вон ЕУ.
Тоа ќе го спречи наменското мултиплицирање на споровите со соседите со исклучок на северниот. Особено што и Србија е пред избор дали политиката ќе и ја води Белград или белградските службењачки подруми и во овие околности – тие им се товар и талог во екс-југословенската Трета армиска област.
Чистењето на Владата со Заев на чело и Шеќеринска и Димитров до него е добар почеток, а збунетоста потоа поради практична изолираност од „директива“ од Пендаровски до Мицкоски/Николовски... е охрабрувачки индикатор.
Ваквиот нов систем бара заеднички напор на прозападните сили во големите и помалите, постоечки и доаѓачки партии во расчистувањето со происточните талози во себе.
Вторите сега се редат во контролираните медиуми како збунети неутралци, задоцнети атлантисти или антицензорски опинионисти.
Тоа ги вади на чистина и протестните „анти-империјалисти“ полни со панславизам и чегеваризам во устите, но не зуцнуваат за проверка на потекло на имотот и на движењето во кариерата на бизнисмените, политичарите и новинарите.
Покајувањето низ медиумите на поранешните функционери денес, во евро-атланска (Северна) Македонија, е само обид да си ги протнат нивните наследници во системот.
За преку нив да продолжи контролата на системот погоден за нивната олигархија – и нема „Сертификат за доверливост“.
Штом им се пресече играта, ќе Ве прашаат „дали нивните деца треба да страдаат поради родителите“. Вие само одговорете им со прашање: дали Вие и Вашите деца треба да продолжите да страдате поради нивните родители, нив самите и нивните деца?
Затоа, она што го одработува биологијата не треба да не плаши – ниту нас ниту партнерите во Европа и САД.
Невнимателното пополнување на позициите што пролетва ќе се испразнуваат низ наведените институции со подметнати „наследници“ нема да ни го подобри ниту владеењето на правото ниту достапноста на правдата, ниту ќе ги пресече корупциските, нарко-картелските и врските кои се закана за безбедноста на целиот континент, регион и земјата.
Само незагадени кадри во системот внесени во временски адекватен, но квалитетен процес овде ќе изгради – нов, добар систем. По стандарди на европска и евроатланска, а не на југословенска Македонија.