НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Додека изолирано гледаме на пораките на Борел и на судирот на владата на Петков со корупцијата во Софија, ја пропуштаме Депутинизацијата на Европа и на Балканот

20 март 2022·Ивон Величковски
Додека изолирано гледаме на пораките на Борел и на судирот на владата на Петков со корупцијата во Софија, не ќе го видиме процесот што ни е пред очи: Депутинизацијата на Европа и на Балканот.
Заминувањето на Меркел стави крај на ерата на "обична" европска економија на германска индустрија, франко-бенелукс финансии, руски гас и источно/јужно-европска работна сила.
Тоа означи крај на "примирувањето" (appeasement) со автократистите - мецени на олигархиското киднапирање на финансиско-институционалните системи (за почеток) во и околу Европа.
При Трамповата изолационистичка, deal-oriented Бела куќа, подготвена да се повлече од светската и европската безбедносна и финансиска архитектура по 1945, прашално е колку тој appeasement проширен врз Брисел и Париз беше избор, а колку последица.
"Децата на Меркел", едни по едно, си заминуваат од позициите или се одрекуваат од неа. По Груевски облаците се надвија над Орбан, Јанша, Борисов, Салвини, Курц, Ле Пен... ЕРР сфаќаат дека европската конзерватива каква што ја знаеме завршува:
Нема влада на просперитет во (земја на) Европа, заснована на партиски финансии и "проекти" со олигархиско потекло.
Оти изворот на тие пари е реорганизирањето на олигарсите и автократите по падот на Берлинскиот ѕид, преку советската и нејзините сателитски служби во екс-Варшавскиот пакт и "Неврзаните".
На кои им се потребни енклави ширум Европа и Азија како појдовни бази на влијание: втемелени на етно-религиска нетрпеливост, корумпирани елити, контролабилни и превртливо-подмитливи власти.
Бајденовата Извршна наредба во регионот општо се сметаше само како инструмент за пресметка со "непослушните"
Но, малкумина од нас бевме слушнати дека таа е само дел од глобалната пресметка со корупцијата означена со Актот Магницки, започната во САД уште пред Трамп. Што тој практично ја успори и ризикуваше (со реизбор) да ја запре.
Судирот на државните системи со корпоративните владетели што ги приватизираа(т) државите започна уште со Обама. Со сите грешки по пат, секако.
Сега сите признаваат дека Путин го произведе она што беше незамисливо: концентрирани, унисона ЕУ партнер со НАТО.
Она што нема да им се признава е дека во таква ЕУ нема место за државите коишто своето постоење и дејствување го засноваат на неговиот модел. И неговото и влијанието на неговите олигарси.
Во Македонија овие прашања ги избегнуваат сите авторитети: и домашните политичко-финансиско-медиумски и странските, дипломатско-фондациски.
Оти влегоа во стапицата на децениско толерирање на ваквата олигархија.
Ваквите политичари и медиумски бардови сега не можат да ги отворат болните прашања, па таа "привилегија" сега ни припаѓа нам - "неоштетените":
Додека не се отворат потеклата на имотите, парите и преку нив политичко-економско-медиумските влијанија на сите финансиски кланови и нивните политичари, Македонија ќе остане само путинистички употреблив Тројанец, во ЕУ и НАТО.
Тоа се сите политичари со транзициски потекло и искуство, како и оние што во Македонија се доживуваат како олигарси, од Камчевци и Мијалковци до Костовци, Заевци и Чифлиганци. И да не се заборави, следењето на трагата на 1Тв, која оди подалеку од "Меѓународен сојуз". И "Дака". За почеток доволно, иако тоа е само површината.
Штом се отвори овој политичко-медиумски комплет, не треба да се заборават политичките ликови кои секогаш се при или во врвот, коментирани, но не и опсервирани: од Шеќеринска, Фрчкоски и Димитров, до Сиљаноска и Николовски, од Фити и Муслиу до Бесими и Арифи. Оти од аферата "Паравојска" тие и таквите до денес се елитата која со задоволство "се жртвува" да биде на функции, но штом дојде некое тешко прашање за решавање, мистериозно "одмара од напорните мандати" или протестно се чисти од должностите. И одговорноста.
Потоа медиумите лесно ќе го следат трендот. Само ќе забележите како опскурните ликови што беа анти-ваксери, па теоретичари на заговори и сега резигнирани путинисти - одеднаш ги снемува од екраните и на социјалните мрежи постираат рецепти и мудрости од "Семе синапово".
Тогаш етерот комплетно ќе се прочисти и од кочничарите на отворањето на клучните прашања со Бугарија кои Софискиот договор ќе го ослободат од духот на бизнис-братимење меѓу премиери и ќе го врати на уредување односи меѓу држави.
Точка што го обезсилува Кремљ во напорите спорот да е кавга меѓу македонскиот и бугарскиот народ, туку решлив сет прашања во временска и институционална рамка. И го засилува јужното крило на НАТО и Западниот Балкан го става во, а не само до ЕУ.
Петков во Софија тоа го тера, не поради Македонија. Ковачевски во Скопје тоа треба да го тера, не поради Бугарија. Борел потоа нема да е "проблем".
Ако Вучиќ знае дека е дојдено времето за позиционирање, тоа овде им е јасно на сите кои сега за прв пат се принудени да се помират дека Белград веќе не може да го "покрива" Скопје.