Две мерки за Демафиизација на Македонија: Бруто плата и национализација на производство на марихуаната за медицински цели.
9 април 2022·Ивон Величковски


Со воведувањето на бруто платата, престануваат јавно-фондовските бунари без дно и започнува инвестирањето во пензиското и здравствено осигурување на секој граѓанин наместо партиско-коруптивно цедење на јавните пари.
Така од вработените веќе не се задржуваат средствата од плата за државните ФЗО и ПИО, туку им се остава можноста тие да си ги користат средствата од бруто платата.
Притоа, да уплаќаат во приватните осигурувања според пакетите што тие (ве)ќе ги нудат по избор.
Доколку изберат да не плаќаат во јавните фондови, да се откажат од правото на користење на минималната државна пензија и основното здравствено осигурување.
Генерациите кои веќе уплаќаат во првиот и вториот пензиски фонд да го добијат истиот избор.
ПИО ќе останува за тековните пензионери и идните од генерациите кои не се покриени од втор/трет пензиски столб, како и за оние што избрале да уплаќаат во него.
1/3 од средствата за пензиско и онака веќе се покриваат директно од државниот буџет. Во него нема приливи од дијаспората која финансира во својата пензија во фондови надвор.
Да, звучи грубо, но во моментов и во иднината на Македонија со 1,8 милион засега останати граѓани, тоа е единствената одржлива формула.
Приливите во ФЗО исто дел ќе се обезбедуваат од уплатите по личен избор на пакет за секој корисник на бруто плата, кој доколку избере, ќе може да се финансира и само преку приватно осигурување, откажувајќи се од гарантираната јавна здравствена заштита (освен задолжителна имунизација). И, ново, со приливите за јавниот ФЗО од
Национализирана индустрија за одгледување, преработка и извоз на марихуана за медицински цели
Овој профитабилен бизнис владите на Груевски и Заев си го парцелизираа и приватизираа. Наместо тоа, застапувам предлог што поодамна го изнесе Арсим Зеколи, а го опишувам подолу.
Ако дел приливи од марихуаната и сега се доволни за покривање на половина од потребите на јавниот ФЗО, здравствените услуги ќе бидат уште подобро покриени сосе уплатите од осигурениците по модел избран од нив.
Како и во случајот со пензиското, здравственото осигурување на поединецот и неговото семејство останува личен избор. И одговорност. Преку избран модел на инвестирање во јавното и/или приватните осигурувања или преку откажување од здравствена заштита поради неплаќање јавно здравствено осигурување од бруто платата.
Но со половина од приходите од марихуаната кои на државниот ФЗО ќе му остануваат од стопанисувањето на оваа дејност, всушност му доаѓаат повеќе пари - за нови услуги, кадар, апарати и методи на лечење во јавното здравство и за здравственото осигурување за лицата до 18 г. Без лечење со СМС пораки.
Останатата половина од приходите од марихуаната одат за одбраната.
Настрана што ќе ја модернизираме одбраната и ќе набавиме нови средства и опрема, ќе создадеме и нови кадри и профили.
На пример, со овие "нови" пари за одбраната може да обезбедиме воздухоплови, во формација и со пилоти и технички персонал што ќе ги ставиме на располагање во новата авио-база на НАТО во Албанија.
Од таму, со план и програма, за 5-6 години северномакедонски пилоти обучувани во сојузнички центри ќе го покриваат небото од Драч до Варна. НАТО така за нас ќе значи поефикасна, финансиски одржлива одбрана и за мала земја како нашата.
Новите униформи и чизми за војниците секако нема да ни бидат достигнување. Или донација, како досега. Така и Македонија за НАТО има смисла и функција, нели?
Значи, краткорочно:
- низ бруто платата, повеќе средства ќе останат за граѓаните кои најтешко ги поднесуваат пролонгираните ефекти на пандемијата, енергетската и кризата од руската инвазија врз Украина и
- секој лично инвестира во својата и семејната здравствена и социјална заштита, по сопствена одговорност и избор, наместо двојно да плаќа за лекови и услуги, еднаш фондовски, еднаш во готово.
Среднорочно сите добиваме:
- зголемени средства за здравството и одбраната и
- намалување на данокот или, при исто оданочување, пренамена на даноците за дополнителни цели.
Долгорочно и граѓанинот и државата добиваат:
- Одржливо здравство и социјална заштита за население што опаѓа по број и работоспособност;
- Одржлива и модернизирана национална одбрана;
- Прекинати спреги во работата со психотропни супстанци, кои политичките и нарко-картелите ги спојува во една криминализирана држава и
- Прекинати тендерашко-политички злоупотреби во неодржливите државни ФЗО и ПИО, рецидивите на минатото оставени да бидат партиски "крави за молзење".
Штом го трансформираме управувањето со јавните пари ќе го средиме системот, па одеднаш нема да бидеме толку сиромашни и скарани меѓу себе и со сите околу себе.
А штом Груевски спружи чаршав на ФБ за дејците на ВМРО ќе му посакаме пријатен гулаш и штом Заев почне со "едно општество за сите", ќе му кажеме "за промена парите за нас, бајките за вас".
Ако Ковачевски ова го одбие, не е за отстранување на финансиско-политичките лостови на моќта воспоставени од Заев.
Ако Мицкоски ова го одбие, не се откажува од пулените на Груевски кои први го започнаа бизнисот што со Заев се распореди по кланови и фамилии.
Ако и западните амбасади ја одмолчат оваа концепција за Демафиизација на Македонија, секоја нивна следна критика за владеењето на правото и корупцијата овде станува излишна.
Win-win или Lose-lose, сега за Македонија е All in.