Изборот на Владата на Абазовиќ и сличните предизвици со онаа на Ковачевски
29 април 2022·Ивон Величковски


Од крајот на 1980-тите, односите меѓу Србија и Црна Гора се движеа од практично единство во СРЈ, преку враќање на државноста во Заедницата СЦГ, до независноста на државата Црна Гора.
Постојана фигура во овие процеси е Ѓукановиќ. Со сите негови предности и контроверзи, тој денес е гарантот на владата на Абазовиќ.
Во овие 30 години, влијанието на Србија (и преку неа, на Русија) во Црна Гора опаѓаше по содржина, но растеше по обем. Пропорционално на употребата на СПЦ како политичко средство во општеството и на рускиот олигархиски капитал во туризмот, градежништвото, здравството... како средство за нивна контрола на Јадранот.
Затоа и определбата за црногорската независност дојде во поделено општество во кое мнозинството Црногорци со Албанците, Бошњаците, Хрватите... во Црна Гора постигнаа убедлива одлука за независност на државата.
Оттука, денес Абазовиќ не е изненадување туку, низ призма на горенапишаното, неговата Влада е само логичен след на нештата.
Обидот за институционално попречување на изборот на оваа влада потсетува на собраниските играрии на Вељаноски и Груевски кои во Македонија требаше да го спречат изборот на Влада, доведоа до "27 април", а беа дизајнирани да не одржат вон НАТО и ЕУ.
Тоа укажува дека предизвиците таму, како и овде допрва претстојат. Претходниците на Абазовиќ, како и на Ковачевски доаѓаа на власт како големи надежи, а завршија како големи разочарувања.
За тоа потребно е следење на перформансите на тековните влади и реагирање веќе на првите елементи на корупција - нивна или на нивното опкружување.
Едноставно, недозволива е уште една пресметана дипло-бирократска "наивност" што од надежните ќе произведе нови аргати на олигархијата.
Како што беше пренаивно да се верува дека во обата случаи промената сама по себе е добра, само затоа што се претставува како промена: било како во случајот со претходната црногорска влада или со нашите во 2006 или во 2017.
Во услови на активен интерес на Русија да ја шири "играта" на Балканот, шок-терапијата што ја гледаме има логика. Ваквите влади - национални но етнички мешани, доволно слаби да не ја приватизираат државата, а доволно силни да ја управуваат - може да бидат одговор на шовинизмот на кој смета секоја (про)Кремљ олигархија, од Москва до Балканот за контрола врз теренот на (Западниот) Балкан и ЈИЕ.
Но таа ќе има ефект само ако не е плацебо.