НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Другарчињата се бараат оти друштвото се растура.

1 мај 2022·Ивон Величковски
Неколкумина потенциравме дека е битно што Македонија е во НАТО, а уште побитно е што и НАТО е во Македонија. Се чини дека ова стана најболно за „скопската елита“. Која сега повикува на „збивање на редовите“, оти Ковачевски не игра по нивни ноти. Односно дека „плочата“ е променета.
Повикот на Мицкоски до Заев за национално единство во 2020 беше првиот лелек за единство на елитите., Сокриен зад анимозитетот кон Ахмети, затоа што им ја провалија игранката. Притоа, не мислам (само) на Мала Речица.
Тековните повици на Мицкоски и Николовски за средба со Заев и Шеќеринска, кога веќе не може со Ковачевски потврдуваат повеќе работи:
1. Со ваков Ковачевски на чело на владата, разбиен е дилот меѓу Заев/Црвенковски и Мицкоски/Груевски. Тоа го носи на добар пат да стане прв „НАТО премиер“ на земјата. Освен доколку реши да остане зависен од (втората и третата генерација) финансиско-енергетско-медиумско-партиски кадри на Стопанската комора, НИП-от/РТВ Скопје и дериватите на СДБ кои орбитираат меѓу „Бихаќка“ и „Белата палата“ се додека им се „спасувачки појас“.
Реконструкција на кабинетот му е неминовност. Ако го следи правецот и поддршката за ефективна борба против корупцијата, обидот за предвремени избори ќе има ист епилог како обидот за промена на парламентарното мнозинство зимава. Ако не, лотариски речено, „повеќе среќа во следното излекување“.
2. Разбивањето на дилот Заев/Црвенковски со Мицкоски/Груевски значи разголување на флоскулите „Едно општество за сите“, "Една земја за сите" и „национално единство“.
Тоа ги обезсилува елитите на кои 30 години не им е битно дали Македонија е ПЈР или Северна, се додека ги контролираат партиите, банките и медиумите за нивната проектирана „Република Македонска“.
И им ја руши играта со македонскиот национален идентитет втемелен на идеологија. Врз основа на која идентитетот стана предмет на Софискиот и Преспанскиот договор, последично пролонгирајќи ни ги интеграциите.
3. Пендаровски, како формален домаќин на седенките на Заев и Мицкоски 2019/20 е презрен "чадор" на поделбата на општествата во Македонија.
Со посетата на Џафери на Украина, тој е фактички детронизиран и може да продолжи да биде само аналитичар во Вила Водно. Особено ако не престане во дилот и натаму да гледа шанса за втор мандат.
4. Сите "скандали" поврзани со Заев(и) за кои зборуваше ВМРО-ДПМНЕ се само реторика штом тој и Шеќеринска се прифатливи соговорници за Мицкоски и Николовски. Толку од борбата за владеење на правото, доколку во име на „лидерска средба“ Мицкоски е подготвен да го амнестира заевизмот и самиот Заев.
Доколку тој и Шеќеринска се добри соговорници за ВМРО-ДПМНЕ, тоа значи дека „Белата палата“ всушност ги прифаќа во целост и договорите кои заевци ги потпишале.
А доколку Заев и Шеќеринска прифаќаат средба со Мицкоски и Николовски, значи дека договорите ги потпишале без намера владата да ги спроведува.
5. Судските пресуди за Груевски и Мијалков, и нивното ставање на американската црна листа беше тригер на возбудата. Со процесите кои ближат кон првостепен епилог се отвора цел сет прашања за децениското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа нужно ќе го отвори и финансирањето на СДСМ.
И нивниот заеднички кредитор пред секои парламентарни избори. А тоа ја „отвора“ контролата на општествено-финансискиот крвоток на Македонците и немакедонците, кои досега имаа(т) избор да умираат од социо-економска тромбоза на финансиско-економскиот режим на „елитата“ или да преживуваат со иселување.
6. Сликовита е површната возбуда од дипломатското отфикарување на еден страничен, а сублимирачки лик на досегашното „единство на елитите“: Теута Арифи. Непријатноста за Мала Речица и Бујар Османи е голема. Но длабочината на возбудата е во паниката на старата „Бихаќка“.
Ако се точни информациите за нејзиното одбивање за амбасадор во Вашингтон, Брисел и сега во Анкара, станува јасно дека транс-атланска е согласноста дека „скопската елита“ на системските Македонци и нивните „омилени, чесни Албанци“ е "елита" само „од Табановце до Богородица“. А веќе и тука - се помалку. Прифатливоста на останатите номинирани амбасадори ќе биде индикатор за ова.
7. Крајот на мимикријата на Заев, Шеќеринска, Димитров... со смената од владата и фактичкото (сојузничко) (и)лустрирање низ Арифи сега и низ Фрчкоски за Вашингтон претходно, интересно ги ослободува и Ахмети и Села и воопшто Албанците од политичката елиминација на Албанците прифатливи за Албанците, што "мистериозно" се случуваше и во овие 30 години и во 40-те години пред тоа.
И, како што тоа бидуваше особено во изминатите дваесетина години - овозможува и Македонците да се ослободат од невидливата, а осетна „цврста рака“ во која само за одредени „фини“ поединци и семејства беа достапни сите позиции, а останатите беа „небањати“ или „небитни“.
8. Од независноста до денес, процесите ги водеа контролираните партии што пред петнаесетина години ги заменија клановско-семејните групации со партиски печати. Трошењето на клановите денес доведе до тоа мерливоста да се врати на ликовите, односно поединците.
По оваа темелна, а за голо око невидлива лустрација во Македонија што личи на трансатлански консензус, на (с)цена и под лупа се ликовите.
На оние незагадените ќе следува градење систем на институции. Отпорот на загадените ликови и нивните спонзори тогаш станува најсилен. Односно веќе е.