Колку Стојменова-Дух, Газинковски и Јовева досега се отстранети од Македонија низ негативна партиско-медиа-бизнис кадровска селекција?
14 мај 2022·Ивон Величковски

Додека успехот на трите Македонки по потекло во словенечката политика ни ги окупира медиумите како појавност, време е за основното прашање: Дали Емилија, Сандра и Ирена би можеле да ги видиме на вакви позиции во ваква Македонија низ ваквите партии? Без "политичка коректност" за непријатното да звучи понежно, одговорот е "Не".
Низ централизираните унии на жени или млади, со именување од партиските извршни комитети? Ма јок. Тие би биле упатени да се декор за партиски марш за 8 Март, за собранија каде Лидерот ќе им се обрати пред да ги изгласаат однапред-определените и за квота на кандидатски листи.
Дел поради мачоизмот на македонската политика. Дел поради меѓусебната внатре-родова организациска констелација зависна од тоа кој е поблизок до "шефот".
И дел поради нашата замисла за "традиционална гостопримливост". Па ние на два авиони транзит-мигранти од Авганистан прогласивме тревога, не пак да прифатиме втора генерација емигранти во Влада или за наши (евро)пратеници... Но и од уште најмалку две суштински причини.
Нивните родители се заминати од македонската економско-медиа-полит-кадровско и тематски заглавена средина, иако си ја сакале земјата. Некои пред, некои по 1991.
Многу први генерации иселени Стојменови, Газинковски и Јовеви... многу повеќе верувале во конкурентноста на пазарот таму одошто нивните роднини кои останале тука.
Тие први генерации не сакале својот напредок да го темелат на партиска зависност, ниту својата иднина на одлука на партија. И потрагата по среќата ја завршиле - на Запад.
Првите генерации иселени Стојменови, Газинковски и Јовеви ги воспитувале своите Емилии, Сандри, Ирени... во сопствениот натпреварувачки дух, кој дал резултат во средина ослободена од предрасуди и во општество втемелено на критериуми, стандарди и квалитети. Некои пред, некои по независноста.Нивниот напредок го ценеле не според тоа чии се и кој за нив ургирал на школо/факултет/работа или според полот, туку според знаењето и сработеното.
Уште повеќе, овие Стојменови, Газинковски, Јовеви... не се идентификувале во нашата службењачка проекција на "дијаспора" собрана во кафеани, со Вергини, "10 долари за Македонија" и "Цела да е", туку создале личности.
Добри за себе и Словенија каде се развивале, но без ефект за Македонија од каде потекнуваат?!
Не, Македонија нив никогаш не ги ни имала, оти и отскокнуваат од просекот.
Затоа, да им посакаме (да продолжат со) успешна работа во интерес на словенечките граѓани. А на нас, да си посакаме успех и истрајност повеќе вакви Емилии, Сандри и Ирени да имаме во нашето Собрание и Влада. Љубоморно да ги чуваме за просперитет на нацијата и за да не им ги "подаруваме" на други.
Овие три словенечки политичарки илустрираат што жените од Македонија - Македонки или не сеедно - можат да постигнат при рамноправен пристап до можност и фер натпревар.
Дали сакаме да им се воодушевуваме од далеку или сме подготвени да ги избираме таквите тука е наш избор: меѓу малограѓанштина и свест, меѓу хипокризија и визија.
П.С. Ниту една од нив политички не е од крајната десница, конзервативците или крајната левица во Словенија. Природно.
