Пораката на Блинкен до Петков за отворање на ЕУ-патот за "квалификуваните" кандидати Македонија и Албанија е решителна
12 мај 2022·Ивон Величковски

Пораката на Блинкен до Петков за отворање на ЕУ-патот за "квалификуваните" кандидати Македонија и Албанија е решителна, а притисокот врз Софија не е новина. Притисокот врз Скопје веќе се случи, но малкумина го видоа со расчистувањето на Владата од калкулантите кои меѓу имплементација на договореното или своите обврски и кариери - даваа предност на второто.
Претпазливоста на Петков на овој правец може да е изненадувачка само за Македонците кои ја преспале 2021-22, а на руската агресија врз Украина гледаат само како на "далечен" конфликт.
И за делот на политичките елити во Скопје кои би дале се за уште некој мандат "НАТО/ЕУ во устите и олигархиски пари во паричниците".
Сите тие би се радувале да бидат поддржани од ист правец на постапување и размислување во Софија и на секое блокирање на Владата во Скопје до јуни.
Во Бугарија мисијата на Петков е очигледно добро (пре)позната. Заканите за рушење на неговиот кабинет како од коалицијата, така и од опозицијата таму појавно растеа по прашањето на Македонија, но суштински со приближувањето кон крајот на бугарската и регионалната зависност од рускиот гас.
На овие закани деновиве бугарското општество одговори со масовен граѓански марш во Софија за поддршка на Украина по повод 9 Мај. За кој во Скопје "зачудувачки" малку кој пренесе.
Всушност, ако сакаме да си придадеме на важност, вест од неговата посета на САД е определеноста на Петков за поттик на ЕУ-интеграциите на Македонија и Албанија.
Но мега-вест е обезбедувањето на гасот за Бугарија од САД по цена пониска од тековната на руски "Газпром" за Европа. Мега-вест што медиумите на македонски јазик, очекувано, се обидоа да ја минимизираат, додека домашните "експерти" шетаа по екраните и порталите за да не убедуваат дека "рускиот гас нема алтернатива". А, еве гледаме, има.
Не е изненадувачка затоа и неговата изјава денес дека партнерите "ја гледаат корупцијата како основен момент на Путин во регионот" и дека за таа цел ќе нареди "целосна проверка на Турскиот/Балкансиот тек".
Овие вести заедно го исцртуваат стратешкиот опфат на САД кон"безбедносниот појас" од Драч низ Скопје до Варна, во кој енергетската сигурност и одбранбено-политичкото сојузништво одат "рака под рака" со транспортното поврзување. Изненадувачки ли е од каде и од кого (ќе) дојде противењето на овој правец?
Оттука, коректно е да согледаме дека во однос на спроведувањето на Софискиот договор и, последично, во приближувањето на Македонија кон ЕУ, обете општества созреваат, а договарањето на патеката кон целта го вршат - државите.
Политичката промисленост сега е неопходна од сите, а во случајов и од Софија и од Скопје. Од неа зависи дали досегашната рутина на мега-зборови следени од мега-разочарување ќе остане пракса или минато. Оти личи дека и регионот и ние сфаќаме дека
"Контраријанството" не е политика, туку пасив-агресивно криење на политичка слабост.
Осцилациите од еуфорија до разочараност нашата партиско-медиумска "јавност" ги предизвикува барајќи да си ги одржи поранешните влијанија и привилегии.
Затоа "јавноста" е разочарана што нејзината врева не го дразни македонското општество. Оти веќе разбравме: штом "јавноста" вреви - привилегиите и се загрозени, но проблемите и споровите на и за Македонија и Македонците се решаваат.
Затоа сега одговорните политичари и функционерите имаат обврска на доследност во европскиот (и евро-атланскиот) правец на земјата и промисленост - и во постапките и во изјавите.
Една од главните придобивки во пост-заевиот кабинет е отсуството на слаткоречива глаголивост на Премиерот и министрите следена од калкулантска пасивност штом се преземат обврските.
Оттука, по Заев во Илинденска" 2 (ве)ќе жалат оние кои сметаа дека со него може да продолжат да градат "национално" единство меѓу партиите по мерка на "јавноста", колку тоа да е на штета на општеството. И особено на Македонците.
На 9 Мај Вселенската патријаршија спречи непризнаеноста на МПЦ-ОА да остане средство на Кремљ за влијание врз Скопје преку РПЦ и СПЦ. Македонците уште еднаш беа уверени дека ниту се осамени ниту оспорени.
Затоа, одлуката беше дочекана со радост од верниците, а со збунетост од "јавноста".
Да сториме се во јуни "јавноста" пак да биде збунета, а општеството радосно. Но и подготвени дека на овој пат ќе има многу пречки и во Скопје и во Софија.
Оти тука повеќе, таму помалку - "Черешна се од корен корнеше... Систем се од матрица делеше."