Одлично време за ветинг. Во правосудството, бизнисот, политиката... Ама и во медиумите.
7 мај 2022·Ивон Величковски

Сега, бизнисмените и банкарите се молчаливи во очекување ишарет од дипломатите. Институциите, се изненадени што од нив се бара да го сработат она за што постојат. И Премиерот и Владата, правилно, не зборуваат повеќе од потребното. Нема глаголивости како на Груевски и Заев и тоа е за поздравување.
"Водечките" партии гледаат дека веќе не е доволна рутината на СДСМ "вратете ги парите", на ВМРО-ДПМНЕ "ја продадовте државата", на ДУИ и АА - Македонци, дај решете се дали сте за ресет.
Политиките и поведението на сите е на тест.
Спрегата на системските бизнисмени, партии, банки заедно со нивните правосудни извршители ќе останеше функционална доколку заморот на материјалот не се прекршеше во врзивниот запчаник на машината: медиумите. Блокадата е во непознаницата на новите процеси настаната откако пристапот на Западот по Украина се промени, како врз партиите, така и врз бизнисот (врзан со државата низ тендери, субвенции...)
Таа државно-партиска бизнис олигархија остана зависна од децениски исцицаната државна каса.
Последично, сега повеќе зависи од помоштите, аранжманите и кредитите што доаѓаат од западните, а не од домашните даночни обврзници.
Со тоа, играта на финансирање на затворената македонска олигархија со парите од нашите и туѓите даноци запира, оти доаѓа ревизија и контрола.
И со тоа, завршува влијанието на медиумите какви што ги познававме: како алатки за заробување на општеството - низ блокирање на темите и ликовите битни за луѓето, но опасни за ваквите партии и бизнисмени.
Тоа не фокусира на заробувањето на медиумскиот простор од (приватизираните) компании и нивните фирми-ќерки, оф-шори и останати "шеми" на грантови и слични "фасади" за создавање пари, наместо за информирање на општеството.
Поради кои Националната радио-телевизија е само спореден извор на информации и на национална култура и едукација, телевизиските вести и дебати само празнина меѓу две сапунски серии, а спутник-пропагандата на интернет обилен извор на малигна пропаганда.
Пред година-две „Ветингот“ беше само конјуктурен збор во јавната реч, што експресно беше исфрлен штом стана свесно испоганет до неупотребливост. Само така борбата со корупцијата - како средство во владеењето на правото и спречување на малигните влијанија во регионот и Македонија - можеше да остане флоскула, наместо да е процес.
Затоа, корисно е иницираме ветинг во институциите и партиите. Но и во медиумите.
Бидејќи треба да видиме од каде дојдоа првите пари во медиумите што денес ги знаеме во ваква форма. Така ќе лоцираме и за кои цели.1ТВ е поука.
Да, кај нивните сопственици ќе ги обзнани врските што се "јавна тајна".
Но ќе биде уште поинтересно да видиме и (дали и) кои новинари лично и/или семејно имаат повеќе и појаки џипови, недвижнини и банкарски сметки од просечен среден бизнисмен.
Па оттука ќе поврземе кога, како и за чии потреби се градеа нарациите на олигархиско-политичките спони со кои Македонија:
- штом се приближеше до Агендата 2000 - правеше акции по општините доведувајќи се до предифарктна состојба како држава,
- штом се приближи до Спогодба за стабилизација и асоцијација - паѓаше во меѓуетничка криза и добиваше конфликт,
- штом се приближеше до НАТО се антиквизираше повеќе отколку Спарта,
- штом се приближи до ЕУ, паѓа во "југо-титоманија" посилна во 2022 одошто во 1972...
И за чии цели, односно по чии нарачки.
Инаку ќе продолжи оваа "клацкалица" во која јавноста ќе биде насочувана де кон ЕУ, де кон САД, а нашата олигархија ќе продолжи да си го чека изгрејсонцето на Исток.
Оти враќањето на Македонија на Запад (каде припаѓа) за нив е трајно загрозувачко, бидејќи им ја руши привилегијата на контрола на земјата што ја имаа бидејќи им ја елиминираа конкуренцијата.
