Крајот на зависноста од руските енергенси ги отвора македонските "живаљевиќ бизнисмени" и нивните парто--коморски медиа-професури
5 мај 2022·Ивон Величковски

Денес лесно се констатира крахот на македонскиот финансиско-економски систем. Но тој не запира ако само ги гледаме последиците, а не ги допреме неговите проектанти и изведувачи. Оти само жива финансиско-економска целина бара функционален политички, здравствен, образовен, безбедносен, судски... систем.
Без одржлива и развојна производна и банкарска целина на дејности и менаџмент, приватизацијата зачува само десетина (во наши очи) големи фирми.
Нивните приватизери останаа "големи" само во овој стопански микро-космос со затворениот банкарски систем недостапен за сите останати. Само така "газдите" во прехраната, градбата, банкарството и енергетиката можеа:
- Да останат големи "газди" пред работниците и кафеански придружници на дипломатите.
- Да ги одржат старите партии и (кадровски) политики за и следната семејна генерација со нив да остане "елитна".
- Да ги умножат ТВ Скопје и НИП "Нова Македонија" во телевизии и портали на "сапуници" и "Звезде гранда", за привид на плурализам на медиуми и суштински монизам на информации.
- Да продолжат да ги форсираат своите правни и енергетски "експерти", вмрежени во комори и здруженија, од каде потоа произлегуваа лиценците и законите што ги сетираа условите за тие лиценци.
А бидејќи "елитава" беше распоредена по вечери и приеми на амбасадите на ЕУ членките и САД како на домашна слава, за неа останаа парите, а за дипломатите - имиџот дека поддржуваат измамници. И, како што западните дипломатии процесот на олигархизација во Русија го дочекаа со спуштен гард од Уралот до Јадранот, така нашата wannabe тајкунерија ја сметаа за ситни подизведувачи на белградска Македонија кои се "контролабилни".
Затоа изненаденоста е непотребна. Отпорот на "елитата" настанува сега. Оти профитот вон одржливост им го правдаа со легитимност, а правото вон легитимност им го толкуваа како прагматичност.
Се додека гасоводните поврзувања беа со руско потекло и врската со „Газпром“ течеше, линијата на трасата на нафтоводите и гасоводите беше небитна. Во тоа време едни и исти експерти и енергетски комори или стопанските комори немаа проблем ниту со приватизацијата на Топлификација, ниту со БЕГ, како ни со Те-То. За прескапите сметки за луѓето и да не зборуваме.
Во моментот кога американски течен гас станува алтернатива за спречување на руската уцена врз сите што го поддржуваат правото на одбрана на Украина од руската агресија, за истите тие "угледни" бизнисмени, нивните партии, медиуми, експерти и комори одеднаш и Бургас и Драч по Александропули стануваат "прескапи", "неостварливи" или "неисплатливи".
Затоа што ним и на нивните линкови им го руши комфорот. Односно профитот од она што и онака им беше доделено, а не од нив создадено.
На оваа групација, во ваквата економија што ја создадоа, им се одговара само со едно прашање: А со чии пари тие енергенси се купуваат? Оти одговорот е дека со руски секако не. Туку со пари што ги создаваме во пазарите на ЕУ, Обединетото кралство и САД. Со пари од помошти, кредити и аранжмани од тие земји и нивните финансиски системи и банки. Бранети со пари повторно од нивните даночни обврзници.
Кој плаќа поскапа цена на енергетската уцена од Русија - ние, Европа воопшто или Украина? Украина секако. Кај нас, ударот е врз стандардот, но него го начнаа нашите тајкуни и политичари, децении пред украинската криза.
Санацијата на шоковите сега се прави со намалени давачки. А намалените давачки и дупката во буџетот ни се покриени со помоштите, кредитите и аранжманите кои не потекнуваат од Русија.
Цената не ја плаќаат ни увозниците на гас и нафта. Тие само веќе не може да сметаат на истите линии на влијание кои ги користеа.
Уште ве чуди што при "Макпетрол" и "Окта" во Македонија можеше да влезе руски "Лукоил", но никако Бритиш Петрол? Или едвај со пар пумпи Гулф, преку Албанија?
Погледнете ја здушната загриженост за прекинот на купувањето руски гас од коморите до сите овие ликови и фирми и се ќе е јасно.
Видете колку брзо НБРСМ ја врати рубљата на курсната листа штом во Бугарија и Полска прекина доставата на руски гас, но и збунетоста и гласноста на енергетското лоби штом се дозна дека нов Хаб за течен гас од Америка станува Бугарија.
Таа збунетост нема да се покрие и целата редакција од бараките на "Стара Телевизија" да се пресели во "Блумберг Адриа", оти и "факторите" се дефакторизирани поради провидноста на интересот.
Ќе биде поскапо?
Да, додека да се изградат новите капацитети за прием на течниот гас. Поскапо од зависноста од Русија? Не. Освен ако не сакате Путин да продолжи со неговата агресија низ Молдавија се до Македонија.
Најавата за ова ја даде, парадоксално, Вучиќ кога од Александропули најави дека "од витално значење за Србија е да се поврзе мрежата со Северна Македонија". Македонија која ќе се снабдува со американскиот течен гас?!
Ни Живаљевиќ не е тоа што беше, "другарице и другови".
