Мк-ЕУ: Бараме оправдување за немање решение, трагаме по оправдание за решение или сакаме решение?
23 мај 2022·Ивон Величковски

Односно следиме југословенска, одржуваме ПЈРМакедонска или водиме (северно)македонска (надворешна) политика?
Одговорот на двете форми на истата дилема е: "елитата" е носталгична по првото, партиите и "јавноста" сфаќаат дека завршило и второто, а луѓето, општеството, Македонците го бараат третото.
(Северна) Македонија во 2022 не е истата од 1992. Нема непознаници за политичкото раководство и државата, а потрошена е и инерцијата на функционирањето како "2 од 24 милиони".
8 Септември 1991 е надграден со Рамковниот, Тиранската платформа, Софискиот и Преспанскиот договор. Сите заедно ја осигуруваат државата на рамноправни граѓани каде конститутивноста на Македонците е потврдена, но не и супремацистички ексклузивна и е гарантирана со членството во НАТО.
Имено Македонија од 1992 им припаѓаше на системските Македонци и "нивните" Немакедонци кои сакаа само номинално Белград да го заменат со Брисел, за во нивните фотелји да ги наследат нивните деца и сите да продолжат "среќно да си живеат".
Мимикријата "се ќе потпишеме само да си тераме по старо" за оние во владата заврши во јануари, кога од неа беа тргнати дел од камелеоните адаптибилни кон сите се додека нивни се власта и "јавноста". Мимикријата заврши и за оние во опозицијата, кои се понадеваа дека "пак" им дошол редот да го "нишаат вагонот" за патниците во возот Северна Македонија да си помислат дека патуваат кон ЕУ.
Оваа структура распоредена во обете "мега-партии" на Македонците и медиумите сега се соочи со последниот шок во низа: одлуката на Вселенската Патријаршија за признавањето на МПЦ-ОА.
Сите сфаќаат: со Софискиот, Преспанскиот договор и членството во НАТО во Македонија се демонтираа југословенските цигли.
Со имплементацијата на договорите за почеток на преговорите за ЕУ и очекувањето на томосот од Вселенската Патријаршија, се отстранува српскиот темел на (матрицата во Северна) Македонија,
Мнозинство Македонци и малцинство политичари, новинари, аналитичари... во овој децениски процес ја препознаваат потврдата на Македонија и на македонскиот народ
Останатите, "општествено-политичките работници" од "Живаљевиќ-јавноста" остануваат во исчекување на потег на Белград на кој би го одржувале духот на долг на Македонците и МПЦ-ОА кон СПЦ и Белград, односно кон РПЦ и Москва.
Затоа и се препознава концентрирањето на истата "јавност" кон кревање раце од барањето решение за спорот со Софија, колку тоа и да не оддалечи од датум за почеток на ЕУ-преговорите.
Европскиот Парламент, усвојувајќи го Извештајот за нас, во Резолуцијата ни откри дека доста сериозни бугарски аргументи во однос на спорот се уважени, наспроти тврдењата на нашата "јавност" дека "никој во Брисел не ја разбира Софија". Исто како што и во Македонија инсистира на отворање на архивите на југословенските служби.
Некако во исто време и наши "проминентни" историчари тргнаа со неволни исповеди по медиуми дека во историографијата навистина имаме факти кои не се научно, туку идеолошки претставени и интерпретирани.
Во "старите добри времиња", за да се забошоти ова ќе беше доволно "живаљевиќи" да подвикнат "Сус бе Талат" и сите да се изнаредат во осуда на единствениот функционер од Македонија кој отиде во Киев под руска агресија и потоа на сред Бундестагот беше дочекан со аплауз.
Но бидејќи по 30 години истите трикови не врват, "живаљевиќи" се немоќни пред егзистенцијалното прашање на Македонците "Кога ќе бидеме во ЕУ каде припаѓаме и економски и просторно?"
По 30 години "бранење идентитет" со Грција, пробаа да се сокријат зад Преспанскиот договор. Но штом и Софискиот тргна по патот на утврдување рамка и рок на спроведување, им стана јасно дека за нивните привилегии и мрежи засновани на југо-Македонија во ЕУ-Македонија нема место.
Наспроти нив, Македонците и Северна Македонија се во НАТО. Западот ни е и избрана и природна припадност. Претходно преку Атина за НАТО и сега преку Софија за ЕУ (ќе) го бараме решението за разликите за да стигнеме до Брисел. Не ни се чека по некоја година да го бараме и преку Тирана, туку заедно би тргнале до заедничката дестинација.
За тоа сме подготвени и да се соочуваме и да ги соочиме сите со нашите реалности.
Не ги сонуваме туку ги живееме соништата на нашите дедовци. За сопствена држава која има сојузници и пријатели. Сега го одработуваме сонот на нашите родители - таа да стане европска.
Дали ваквата промена им се допаѓа на сите во Софија, Брисел, Вашингтон? Секако не, оти и таму некои сметале на застојот овде.
Дали ваквата промена не и им се допаѓа на сите во Белград? Секако не, оти и таму некои сметаат дека ослободувањето од застојот овде ќе им помогне да се ослободат од застојот кај нив.
