Има ли Македонија можност да дава гаранции и зошто Не?
31 мај 2022·Ивон Величковски

Зошто обврските од Софискиот договор би ни биле дел од ЕУ-преговарачката рамка? И директно: Зошто гарант на спроведувањето на Софискиот договор низ преговарачката рамка би морало да е трета страна (според медиумите Париз)?
Еве некои видливи причини:
Произлезените услови за кревање на ветото бараа гаранции за спроведувањето на Софискиот договор:
- по сопствена иницијатива, според нашето рамковно уредување на колективните права на заедниците (пр. Внесување на Бугарите во Преамбулата) и
- во разумна временска рамка (пр. Резултати од работата на Мешовитата историска комисија).
Играриите "ќе интервенираме во Преамбулата само пред влез во ЕУ" и "чекор напред-два назад" работата на Мешовитата комисија на Брисел му покажаа дека има зошто да ги уважува забелешките на Софија. Барањето "гаранции" на Пендаровски, Мицкоски, Црвенкоски и нивните мегафони од ЕУ и Бугарија, небаре ЕУ сака да стане дел од Македонија - на Брисел тоа само му го потврдија.
Всушност сите извештаи за напредок не можеа да им го покажат на Брисел, Берлин, Париз... она што спорот со Софија го докажа во однос на Скопје. Дека во Македонија:
- нема пресметка со корупцијата поради партизираните институции,
- има обезгласено општество прекриено од медиа-финансискиот картел на југо/ПЈРМ елитата,
- научно-интелектуалната мисла е заменета со памфлетизам на МАНУ-кратијата.
Не затоа што тоа е "судбина", туку затоа што е диктат од партиите на старите елити.
Да, партиските лидери, потомци на "угледните семејства" беа негувани со Конрад-аденауер/Фридрих-еберт/Нди/Ири-евски "проекти" и со нивно спонзорство прво станаа посилни од партиите, потоа од гласачите и на крајот - од институциите.
Ама последично институциите може да гарантираат сега само во име на лидерот, а не на државата.
Но таквите гаранции за ЕУ сега се небитни. Бидејќи судирот со авторитаризмите се води од Харкив до Ламанш, Брисел јасно покажува дека нема намера да ги толерира македонските партиски лидери чија мисија е држење на Македонија во лимбо додека чекаат кога и на каде ќе се определи Белград.
Добрата вест доколку се оди во овој правец е дека за Брисел, Париз, Берлин... е побитна определбата на општеството и Македонците да сме во ЕУ, одошто на македонската парто-медиумска "јавност" да не сме.
Тоа ќе значи дека и Брисел (сосе сите европски метрополи) и Вашингтон ја знаат суштинската поделеност во Македонија: на општеството против системот на југо-привилегираната "јавност", која веќе повикува на "кревање раце од ЕУ", оти и е полесно Македонците да останат без евро-перспектива, одошто естаблишментот без привилегии.
Доколку ова е случај, со внесување на патоказот од Португалското претседателство, всушност Брисел би го прифатил Париз како гарант на македонскиот ЕУ-преговарачки процес, бидејќи гаранциите на Скопје контролирано од вакви елити очигледно никој не ги зема за сериозни, а во европски процес Вашингтон не може да се јави како гарант.
Парадоксално, но реално ова би било отстапка од Софија кон Скопје, за да не ни го попречи ЕУ-процесот. Но и кон Брисел и Вашингтон. Ваквата евентуалност дополнително ќе ја зајакне позицијата на Софија, која со поставувањето кон украинската криза е јасно респектабилна.
Тоа е вовед во помалку добрата вест - дека ова ни дизајнира пристапен процес во кој нема да имаме само административно, туку и политички-мерливи критериуми.
А за тоа ќе треба да им се "заблагодариме" на Владите на Црвенковски (Костов, Бучковски), Груевски и Заев и на Претседателите на Републиката Црвенковски, Иванов и Пендаровски.
И да се радуваме ако минеме вака "лесно".
