НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Активности и ПРЕС

Осудата на палењето на бугарскиот културен клуб "Иван Михајлов" во Битола е едногласна од целиот политички спектар кон кој припаѓаме

4 јуни 2022·Ивон Величковски
Осудата на палењето на бугарскиот културен клуб "Иван Михајлов" во Битола е едногласна од целиот политички спектар кон кој припаѓаме и Движењето за нова република и јас лично.
Таа осуда ја споделуваме врз основа на чувството како Македонци, кое не ни дозволува да молчиме пред застрашувањето поради етничка или културна идентификација различна од македонската, на секој човек. Како што не сакаме тоа да ни се случува нам.
И со таквата осуда покажуваме колку во себе ги носиме европските вредности.
Отсуството на осуда, пак, е гласен молк во поддршка на вандализмот втемелен на омраза и репресија. Него го споделуваат оние за кои македонството е користољубие и само алатка за доаѓање до функции.
Партиите, функционерите и опинионистите кои се определија за премолчување сосем јасно покажаа зошто Македонија по 30 години независноста е само до тука. И покажаа дека за нив насилството е оправдано средство. Применувано и врз немакедонците - и врз Македонците кои не им се по волја.
Најлицемерни тука се "интелектуалците" и "правниците" за кои палењето немало да настане доколку центарот не бил регистриран (со такво име). Иако постои со години и беше неспорен до промоцијата годинава, согласно важечките прописи - за чија слабост се одговорни тие - законодавци и правници. Тие, во стилот на семејни насилници, ќе продолжат да инсистираат дека жртвите "сами си го барале".
Овие "врвни" системски умови распоредени по партии, факултети и медиуми знаат дека привилегиите им истекуваат со европскиот процес кој ќе ги отвори и методите и соработниците на старата скопска клика и служба, паралелно со отворањето на историјата и архивите на југо-службите.
Точно е дека брзото откривање на сторителот/ите и правниот епилог ќе ја потврди решителноста на Македонија да ги штити европските вредности. Но, ова е поврзано со можната клучна придобивка
Да го разбуди општеството во одбрана на основните вредности и - да го разбуди владеењето на правото во земјава
Откривањето и пресудата ќе покажат колку институциите (не) може да работат.
Тоа ќе значи дека ако за вакви чувствителни предмети може да се постапува ефикасно, тоа е можно и за останатите. Односно за сите.
Ако не - започнува притисокот врз органите за внатрешни работи и правосудството за промени и одговорност за нефункционалноста со засилен мониторинг.
Тивко во медиумите на "јавноста", бурно во институциите, темелно следено од општеството кое го чека своето ослободување низ дејугословенизација преку европеизација.