"Сарказмот" на Рама произлегува од затвореното поглавје Отворен Балкан и поради можноста за евроинтеграција на регионот по европски терк
13 јуни 2022·Ивон Величковски


Во ноември 2019 ги изразив резервите за "Отворен Балкан", предупредувајќи дека е зона на Вучиќ, Рама и Заев за парирање на Берлинскиот процес, наместо вклучлив проект за влез на Западниот Балкан во ЕУ.
Потпирајќи се на три лика со прашален демократски капацитет и на изолационизмот во Вашингтон тогаш, послужи за две цели:
- ривалство меѓу Вашингтон и Брисел (Берлин, Париз)
- проектирање "историско помирување" меѓу Србите и Албамците низ влијание на Белград врз делови од Македонија, Ц.Гора и БиХ и на Тирана врз делови од Македонија, Ц.Гора и врз Косово.
А фактички го засили влијанието на Москва во регионот што Лавров го потенцираше пред една недела и - го "закопа" проектот на втората генерација "Белград бојси" во Стејт департментот и нивните чеда низ регионалните амбасади.
Првиот сигнал за консолидирањето на односот кон регионот меѓу САД и ЕУ го даде Ескобар со изјавата дека Отворен Балкан е "само за економска соработка". Вучиќ и Рама веднаш се откажаа од заслугите за иницијативата која Косово, Црна Гора и БиХ и онака од почеток ја третираа студено.
Кон Отворен Балкан во Македонија наклонети беа само системските партии и југо-опинионистите, барајќи било каква асоцијација за Македонија освен европската. Оти во неа се отвораат досиејата на ју-службите и паѓаат привилегиите за сите нив на кои се потпираа администрациите низ Европа и Америка од 1990-тите до денес.
Затоа, Рама е "саркастичен" и кон Македонија и кон Бугарија, но и кон ЕУ и САД: оти му е одземена замислената титула на татко на "албанскиот свет" што му беше потребна во ривалството со Курти. Вучиќ соочен со изборот Запад или Исток уште по изборите сфати дека за "српскиот свет" може да се застапува само Вулин.
За нас е битно дека ова отвора пат за суштински договор меѓу Македонија и Бугарија, а не само како "трчање по датум". Затоа и нервозата во "јавностите" во двете земји и оркестрираните Трифоновци таму или МицкоСиевци тука.
Со посетите во Приштина па Белград германскиот канцелар појасни дека Тирана во меѓусебното признавање нема да има улога. Со посетите во Скопје па Софија, пак, Шолц потсети: Скопје да заборави на патронатот на Белград (печатот за ова ќе е томосот од Вселенската патријаршија за ОА), а Софија да придонесе кон европската доследност кон ЕУ-кандидатите. Потврдувајќи со тоа дека "планот на Макрон" - го има неговиот печат.
Сложен, усогласен од двете страни на Атлантикот, притиснат од руската агресија врз Украина, процесот на евро-интеграција на Западниот Балкан треба да е инклузивен, да има цел и да се води по европски правила, а не од американски локал-подизведувачи.
И не смее да потпаѓа под себичностите на "Старата Европа" кои му отворија врата на путинизмот и корупцијата ширум континентот. Декларацијата од Солунскиот самит на ПСЈИЕ е тивката најава.
Вака гледано, сликата на учесниците на Охридскиот самит не е толку "пропуст" на протоколот колку свесна порака на Ковачевски: централните места се за "носителите" на Отворениот Балкан, а страничните за набљудувачите. И за оние коишто се извлекуваат од Отворен Балкан за да си отворат пат на земјите кон Европа.