НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Величковски: "Република Нова Македонија", клапа 2

18 јуни 2022·Ивон Величковски
Ви текнува на предлогот на Карингтон и Овен за надминување на спорот со Грција? Тој содржински е 90% истиот со Времената спогодба па Преспанскиот договор. И го означи патоказот и решението на ОН за спорот по триесетина години партиско профитерство "името не го даваме" и "идентитетот ни е црвената линија" да заврши со почетното решение.
Спор на кој во Скопје јаваа Црвенковски, Георгиевски, Груевски, па Заев. Додека пред нас во НАТО влегоа сите со кои заедно требаше да влеземе. А во Атина беше употреблив за претходните генерации Мицотакис и Папандреу и го затвори Ципрас (во досегашната фаза). По која ќе следи и нова фаза, согласно Преспанскиот.
Софискиот договор ја постави основата за првата ЕУ рамка за спорот Скопје - Софија. На кој во Скопје повторно јаваа Црвенковски, Георгиевски, Груевски, па Заев. А во Софија беше употреблив за Костов, Плевнелиев, Борисов и сега Радев. Во обид да го решат Ковачевски и Петков (во сегашната фаза) или на него да се рефакторизираат Мицкоски и Борисов. Дали ОН операцијата на Овен и Карингтон е ЕУ иницијативата на Макрон и печатот на Шолц ќе покаже времето.
Она што во случајот за сега изостанува е можноста за директно вклучување на САД во олеснувањето на процесот и, последично, во недостатокот на прецизноста на Преспанскиот во Софискиот договор. Засега компензирана со француско-германско ЕУ гарантирање на процесот.
Но, она што е јасно е дека одбивањето на рамката не го менува патот по кој ќе се движи спорот меѓу Скопје и Софија. Идентично како спорот меѓу Скопје и Атина порано. Брисел ќе биде пред се со својата членка, а не против својата идна членка.
Прашањето е само после колку години финесите од типот "не "Нова" туку "Северна" ќе станат решение за кое ќе се борат денешните противници на било каков исчекор во македонско-бугарските односи и во Скопје и во Софија. И после колку нови иселени Македонци со бугарски пасоши.
"Јавноста" има време за тоа. И пари. Од проекти, реклами, акции и недвижнини, стекнати низ "бранење на идентитетот". Без оглед кој е на власт. Ако по некоја деценија, после Софија, преговараме за дигање на ветото од Тирана или Белград, нив ќе им биде сеедно. Дури и покорисно. Се додека тие се "јавност" и "партиски лидери".
Изборот на што и кому ќе верувате е личен. Одговорноста кон идните генерации - заедничка.