НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Величковски: Горановото и Христијановото "не" - за по дома

22 јуни 2022·Ивон Величковски
"Дипломатиите" на партиите во европските чадор-организации играат улога при креирањето на нивните политики кон прашањата од интерес на Европскиот Парламент.
Партиите потоа ги имплементираат и во националните политики преку своите министри или ги застапуваат во парламентите, ако не се на власт. Согласно националните политики владите ги градат односите во и на ЕУ кон кандидатите.
Кога се има предвид последната резолуција на ЕПП за Западен Балкан веќе укажав дека провиците на ВМРО ДПМНЕ се за "домашна употреба" оти таа Резолуција комплетно ги вклучува ставовите на Нова Демократија и ГЕРБ за Северна Македонија и ги уважува патоказите од Резолуцијата на Европскиот Парламент и, консеквентно, предлогот на Макрон. А донесена е без нивно противење при носењето.
Истото се однесува и на ЛДП, која е активна во Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ), а чие раководство читам се заканува со напуштање на Владата доколку таа го прифатила предлогот на Макрон.
Имено, нејзиниот лидер Милевски премолчува, а "истражувачките" новинари блиски до двоецот Димитров-Кирјас сакаат да заборават два факти:
1. Дека известувачот на Европскиот Парламент за Македонија е претседателот на АЛДЕ - Илхан Ќучук од Движењето за правата и слободите од Бугарија (ДПС), реизбран на позицијата пред пар недели. Со гласови на Милевски/ЛДП?
Инаку ДПС поднесе резолуција за деблокада на евро-процесот на Македонија и Албанија по рушењето на владата на Петков, а ГЕРБ најави поддршка за предлогот на Макрон.
2. Партијата на францускиот претседател Макрон, Републиката во движење, е членка на АЛДЕ. Каде е и ЛДП. Таа ја прави АЛДЕ трета политичка сила во Европскиот Парламент.
Накусо: За предлогот на Макрон сте знаеле. Ако не сте знаеле, џабе сите титули и членства по асоцијации. Ако сте знаеле, а не сте влијаеле на подобар текст, сега џабе се пењавите.
А ако сте знаеле или сте посредувале во неговото формулирање (што е логично бидејќи сте во постојана комуникација со чадор-организациите) и сега бегате од него - ја правите најголемата грешка: блокирате решение под притисок на дневната политика и реакциите на "јавноста" на која сакате да и се допаднете за да пливате низводно и да ги одржите привилегиите. Наследени од југословенска Македонија.
Некомпатибилна со европска Македонија.