НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Величковски: „Денови ли се денови...“

25 јуни 2022·Ивон Величковски
Доларските грант "проамериканци" побрзаа да побараат пренасочување на дипломатијата од Брисел кон Вашингтон.
Заборавајќи дека Македонија и САД имаат договор за стратешко партнерство. Кое САД и ЕУ (ЕЗ) го споделуваат уште додека Македонија беше југословенска. И дека Вашингтон го поддржува северно-македонското и воопшто западно-балканското евро-интегрирање.
Фунта грант "опинионистите" побрзаа да се згрозат од интеграциите и да заклучат дека доволно ни е членството во НАТО. Но не спомнаа ниту збор за тоа на кои пазари завршуваат над 80% од нашите производи.
Евро-валутните грантисти предничеа во плачот по "идентитетот" на Македонците "загрозен од Макрон", а самите тие доминираат во кабинетско-советничките релации со Владата и МНР.
Сите заедно побрзаа да го одбранат својот привилегиран статус на "авангарда" и елита наследен од нивните родители што ќе го загрози секоја следна фаза по евентуалното отпочнување на преговорите.
Заедно со нивните партиски/фракциски спонзори, кои во овој процес гледаат како им бледнеат (личните аури во) партиите какви што ги препознаваат.
Бидејќи, веќе посочив, сите "главни партии" во Македонија, преку нивните чадор-асоцијации ги знаат евро-позициите за Македонија. И како нивни членки ги имаат прифатено:
- ЕПП ги поддржува оние на ГЕРБ, а ВМРО ДПМНЕ за тоа молчи. Нивниот Вархеји, оној на "братот Орбан" тоа директно го кажа како евро-комесар кој практично се стави на страна на својата членка, но не и против своите кандидати.
- Макроновата-Ќучуковата АЛДЕ практично го даде предлогот што либералдемократите во Брисел го фалат, а во Скопје го оплакуваат.
- ПЕС преку Шолц директно е во процесот.
Затоа, никој од нив, меѓу барањето оставки и потрагата по тендери не порекнува дека
Макроновиот предлог е почетна и, со можни и потребни модификации по усогласување меѓу метрополите, приближно крајната дестинација за започнување на преговорите.
Во овој процес националните парламенти во Скопје и Софија одигруваа(т) улога поставувајќи ги основите на темите и нивниот краен опсег, при Софиски договор што е далеку од егзактноста на Преспанскиот.
Егзактност што се бара низ дополнителните документи за кои се зборуваше неделава, низ кои билатералните прашања нема да можат да го кочат интегрирањето на Македонија/регионот ниту ќе ја авансираат Македонија кон ЕУ како експозитура на српскиот свет. Или на албанскиот. Затскриени низ "отворен-балканскиот".
На крај ќе пресудат дипломатскиот такт на лидери и државништвото на политичари со национално и чувство за моментот.Што веќе не судри со популизмите.
Ако не, по примерот на минатите 30 години, ќе градиме надежи во секои следни избори кај соседите, па ќе се разочаруваме.
Потоа кај нас ќе правиме предвремени избори за да осиромашуваат луѓето, а да се богатат политичарите и по уште една тура емиграција со бугарски пасоши, некоја нова констелација ќе го понуди почетокот на преговорите кога тие ќе станат комплетно небитни.