Величковски: Министерот Османи ќе ја има правната основа да го потпише Протоколот, Владата и сама можеше да ја прифати Преговарачката рамка
14 јули 2022·Ивон Величковски

Како граѓани на Македонија и како Македонци, време е да му ја дадеме политичката поддршка за потпишувањето на Протоколот. Тука партиите се второстепени.
Фактичката промена на бугарските позиции од нивната собраниска декларација особено се огледува во европското недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик.
ЕУ-интегративниот процес не бил и не е едноставен. Изборот да ја одлагаме ЕУ за да ги балсамираме елитите од 1980/90-тите беше наш, се додека не ни се отселија децата и внуците. Не престигнаа сите кои ни гледаа во грбот. Доколку бевме во ЕУ пред нив, за овие теми немаше да зборуваме.
Дипломатскиот такт овозможи корисните решенија на неексклузивност што не го загрозуваат македонскиот народ од Преспанскиот, преку протоколите да се применат и во Софискиот договор.
Тој такт ја одржа ЕУ солидарна со својата сегашна и отворена за својата идна членка, но во процес што не е само на еден министер или влада, туку резултатска целина на желби, грешки, пропуштени шанси и избегнати ризици од 1991 до денес, како во Северна Македонија, така и во соседството и во Брисел, на овие и претходни генерации.
Но во вакви моменти, особено како Македонци имаме и право и должност да ги поддржиме оние кои имаат сторено потемелно и поодговорно за Македонците од многу министри-Македонци на овие позиции.
И, давајќи ја довербата Османи да го заврши процесот во име на Владата на Ковачевски - да ја стекнеме довербата не само од Албанците, туку од сите други народи во Македонија и опкружувањето - дека знаеме што ни е цел за нацијата и за секој дел од неа.
Оти имаме самодоверба за да имаме доверба и како што даваме, така и заслужуваме доверба.