НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Величковски: Мојата поддршка за Преспанскиот и за Софискиот договор беше и е недвосмислена и јавна.

25 јули 2022·Ивон Величковски
Исто како што јасно и недвосмислено лично бев против идејата за референдум за Преспанскиот договор.
Таквата позиција беше различна од ставот на власта, опозицијата и на дипломатите тука.
Во 2018 беше лично-политички штетно, но национално-политички одговорно да не се поддржува референдумот како скапо средство за "перење на совеста" на партиите.
И да, тоа водеше кон лична политичка изолација.
За мене тоа беше доследност: одбивањето на идејата за "референдум за решението на спорот со Грција" беше договорена разлика во секоја политичка соработка бидејќи:
1. Политичкиот спор беше над правниот, а идеолошкиот над идентитетскиот и затоа по него треба да одлучува Собранието - за Грција со Преспанскиот (следствено за Бугарија со Софискиот договор).
2. Со неминовно неуспешен референдум ќе се создадат два јаза, еден меѓу Македонците и друг меѓу Македонците и Албанците спротивно на интересите особено на нас, Македонците.
Времето покажа чија проценка била пореална.
Затоа и денес, кога исто е непопуларно да се зборува против идеја за референдум за Преговарачката рамка, Протоколот или самиот "француски предлог" - сметам дека е одговорно да се предупреди дека таков референдум е рецепт за уште една фарса.
Прво, како што и референдумите за територијалната организација 2004 и за Преспанскиот 2018 беа само скапо средство за пребројување/мобилизација на гласачите, истата цел ја има и оваа иницијатива: амнестирање на партиите и ликовите од носењето одлука - корисна за нацијата, штетна за привилегираната "јавност".
Второ, недоумицата за темата скриена зад самото иницирање референдум покажува дека нема можност за "тивок" излез од правниот лавиринт и од политичкото самодоведување до ѕид по паметот на Силјановска, Апасиев, Коцарев и останатата ЈУС медиа/академска логистика.
Трето, прифаќањето на ВМРО-ДПМНЕ на Преспанскиот и Софискиот договор како завршена работа е потврдено со нивното гласање во Европската народна партија - спротивно на нивното медиумското неприфаќање по дома.
Бидејќи Протоколот ги уредува методите, носителите и обврските од Софискиот по урнек на прецизноста на Преспанскиот договор, не ќе е чудно посетата на Будимпешта да им ја освежи меморијата за ова на Мицкоски и Николовски.
Проектираното продлабочување на јазот меѓу Македонците, меѓу Македонците и Албанците и меѓу Македонците и сите во соседството е дизајнирано да го малакса општеството и да го држи македонскиот народ во недоверба кон себе и кон сите други - за туѓи потреби. Тоа е прескапа цена за одржување на (само)изолацијата на Белата палата кон се што е вон раководството додека си води пресметка за тоа кој е кој во партијата и опозицијата.
Ова е доволна причина да се посветиме на битните теми, на пр. уставните измени. Но особено на подготовките за претстојната зима, кога успехот на политичарите, партиите и институциите ќе се мери според придонесот кон надминувањето на предизвиците на луѓето, а не според идеологизирањето на идентитетите на народите.