НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Величковски: Откако Македонија започна ЕУ-преговори, а сепак останавме Македонци со македонски јазик, пукна меурот на "бугаризацијата".

1 август 2022·Ивон Величковски
За држење на тензијата по терк на Белата палата, неопходни беа "покритија" од партизираните "научни институции" - низ пропагандата за одржување психологија на малцинство кај Македонците.
Институтот за национална историја изрази сомнежи по Протоколот - во соопштение од 20 реда правни основи за своето постоење и 2 реда текст. Но, не и аргументи на ризиците со студии или документи.
Претседателот на МАНУ (одново) се спротивстави на Преспанскиот и Софискиот договор и прогнозира исчезнување на Македонците.
Но, барајќи поддршка во својот политички став од колегите (?!) тој молчи дека иселувањето, а не самоидентификувањето на Македонците води кон депопулација: По 30 години економски пад, криминал, корупција и немањето развојни правци... за кои неговата "Академија" нема саглам документ, а не пак импакт од 1991 до денес.
Опозициски политичари и вакви нивни инструменти во науката кои сакаат или веќе се кандидираа преку партиите всушност дневно ни подметнуваат нам, Македонците, нова доза самоуништувачки дефетизам за тие да пробаат да си ги задржат привилегиите од системот што им заминува пред очи - со членството во НАТО и ЕУ-преговорите.
"Малцинство/обесправени во сопствена држава", "Албанците/Бугарите/Грците ќе не делат", "Од овде мора да се бега"... Македонците со вакви тези децениски се психолошки проектирани за малодушност, потреба од југо-српска/руска закрила, недоверба кон можноста за сопствена држава и, кога веќе ја имаме - неистрајност на патот и кон сојузништвото за национален просперитет.
Оваа психологија ја градеа истите:
- манипулатори за кои Илинден 1903 и 1944 се побитни по симболиката одошто по целта.
- идеологизатори на македонизмот кои при успешен 8 Септември 1991 бараат "трет АСНОМ" - и така признаваат дека се срамат од независноста.
- киднапери на македонската самодоверба која (за нивни привилегии) треба да отстапува пред психологијата на постојана загрозеност од некој (во соседството или Западот).
Оти доколку Македонецот верува во себе и, со тоа, во своите сограѓани дома и пријателите во светот, поделбата на македонското етничко ткиво - и со тоа нивната мисија - е невозможна.
И ние Македонците и сите останати во Македонија вон изолираните потстанари во "Белата палата", Вилата "Водно" или "Огњан Прица" веќе знаеме дека ова се предвидливи хистерии на нивната "јавност".
Ваквата опозиција во Собранието и во партиите од власта ќе се помиреше со Софискиот како и со Договорот од Преспа - доколку Протоколот немаше (рок за) отворање на досиејата на поранешните служби и чекори на деидеологизација на историјата.
Стравот не е во дознавањето на злосторот и жртвите туку на нарачателите. А за нив не зборуваат ниту Мицкоски, Коцарев, Сиљаноска, Апасиев... ниту другите остатоци на црвената интелектуална и политичка каста распоредувана низ СКМ-ПДП, Демократска алтернатива, СРСМ, ВМРО ДПМНЕ..., МАНУ, универзитети, институти, медиуми, нво-и... И нивните деривати.
Четвртата република Македонија ја гради припаѓајќи онаму каде се борела да припаѓа и во 1903 - во Европа, на Запад. Денес оттргнувајќи ги Македонците од психологијата на малцинство.
Парадоксално, чекор во тој правец е токму прецизирањето на Бугарите, Хрватите, Црногорците... во Преамбулата.
Свесноста за себе ја потенцира различноста од другите, а гарантирањето на правото на самоидентификување на другите го легитимира сопственото, македонско самоидентификување.
Со сето ова во вид, пред нас се три катарзи:
- национална, низ полната рамноправност на граѓаните преку Уставот,
- општествена, низ соочувањето со последиците од комунизмот и неговите миленици,
- системска, низ македонското стандардизирање по ЕУ и НАТО, а не по ЈУС.
И три причини да си го честитаме Илинден 2022.