Зошто уставните промени треба да се цел на Македонците и зошто тие се потребни од ова Собрание?
14 август 2022·Ивон Величковски

За продолжување на преговорите? Да. А сепак најмалку заради тоа.
Во т.н. Платформа "Пресврт", за комплетирање на консолидацијата на нацијата застапувавме "ерес": внесување на припадниците на бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот... народ во Преамбулата.
Станува збор за - 2013 година.
Денес прашањето е отворено, но не по домашна иницијатива, туку низ ЕУ пристапниот процес.
Време е да не го третираме како последица, туку како наша изворна определба.
Рамковниот договор преточен во Уставот (и Преамбулата) ги гарантираат и конститутивноста на Македонците во сопствената држава и правењето на Македонија сопствена држава и за Немакедонците.
Тој концепт тешко и мачно, со премрежја и солидарност од пријателите и разбирање од сограѓаните - ние го избравме.
Способноста на отфрлање на југо-македонистичката матрица на малцинство и на загрозеност без југо-туторство произлегува од капацитетот да се соочиме дека дури од 8 Септември 1991 - ние за прв пат самите градиме своја држава што треба да е достапна за секој граѓанин, а не само за нејзините идеолошки и системски чеда.
Притоа, доказ за вербата во себе и сопствениот државотворен капацитет не може да ни е "позитивната дискриминација" како концепт на подарена слобода и во дух на супремацистички и фондациски мулти-култи граѓанизам од 1990.
Напротив, нив ќе (си) ги докажеме во инсистирањето на граѓанска рамноправност како пристап на изворна лична одговорност и инвестирање во нацијата и, со тоа, во својот народ.
Рамковниот остана неискористен за домашна и регионална интеракција на Македонија од 2001 бидејќи тогашната политичка и финансиска елита во него гледаше крај на за нив посакуваните "Република Македонска" во рамки на Дејтонска Македонија.
Во неа анти-политиката (анти-албанство/бугарство, анти-ЕУ...) требаше да не држи во покорност кон белградско-московските олигархии на финансиско Скопје судрено со "небањатите", "провинцијалците"... колку тоа и да беше анти-македонство.
Поземајќи го вршењето уставни промени што одразуваат реалности и ги гарантираат правата и на Бугарите, Хрватите, Црногорците... оваа политичка генерација има историска шанса да им покаже на сите (во Македонија), а особено на Македонците дека времето на живеење во страв по цена на сопствена штета е завршено.
Имено на овој начин јасно и уставно се документира различноста на македонскиот и бугарскиот народ во Скопје, Софија тоа го прифаќа низ Протоколот што го иницираше и потпиша - и се е со бриселски гаранции.
Накусо, тоа што го баравме за нас - го добивме.
По ова се диференцираат политичарите и (водствата на) партиите. "Јавноста" на "бардовите" и олигарсите ова го осознава низ отсуството на возбуда за дневно-политичките ќерефеки на ликовите од 1990, сведени на клик-јадици по опскурни портали.
Така полека ќе престане и да не прогонува вториот дел од референдумското прашање од 1991.
И духот на неговите моделари.