НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Партиите и медиумите на олигархијата: "Името, идентитетот, Шиптарите, Татарите..." Афера "Еуростандард": Каде се парите?

24 август 2022·Ивон Величковски
Штом нафталин-колумнистите и Мануистите "спонтано" избија на порталите и соц.мрежи, "чадните бомби" треба да ја замаглат главната тема.
"Еуростандард" потврди: и во вака контролиран финансиско-парто-медиа систем, тајкуните се неупотребливи вон транзицијата. Затоа, ако "приватната истрага" беше само на Костовски - ќе беше небитна. Но, биографијата на (тимот и на) Кос укажува дека изложена е многу потемелна "Анализа" со индиции што (ве)ќе се следат и во и вон МК.
Институционалната ја заменува партиската улога.
ЈО треба да расчисти вон разумен сомнеж дали има нови информации во однос на оние што претходно ги истражувало и процесуирало. МВР, пак, треба да преоцени дали по службена должност да покрене постапка за проверка на нови тврдења и внатрешна истрага што се случувало по прашањето претходно.
Постоењето нерезидентни коминтенти осомничени за перење пари отвора безбедносни прашања - кој, што, за кого правел и со какви последици. Тоа ги ангажира и АНБ и Финансиската полиција. Безбедносните закани се финансираат од нелегални пари кои за да се во функција - мора да минат низ банки.
Шемата според Анализата ставала фиктивни кредити и позајмици во бизнис-функција за нови, кредитно-неспособни компании. Тоа е потенцијален балон на цели индустрии, како градежната на пр. Но, легитимно е прашањето дали такви пари влегле и во индустриско производство на марихуана? И, во таков случај, одиме ли кон македонска "Јовањица"?
Реакциите на Гошев и Бежовска, молкот на Богов, соопштенијата на банк(ар)ите... се предвидливи. За ова да биде "чудо за 3 дена", "јавноста" ќе дебатира дали Анализата е "релевантна", а не кој се (покрај Костовски) и како е одговорен за милионска штета покриена од наши пари, а кој профитирал?
Но со проектираното пребегнување на суштината ќе се отвораат уште прашања:
- Кои фирми се во ваков евентуален коруптивен труст на бизниси без покритие од 2004 и кој се ги поврзувал за време на најмалку 4 премиери (Костов, Бучковски, Груевски и Заев)?
- Кои фирми целно останале без пристап до пари под пазарни услови, што децениски ја измести државата и економијата поради кои се исели Македонија?
- Ако шемата на банки е и половично точна - што се случува во Народната банка? Кој ја води нејзината кадровска политика поради која можно изостанале законски мерки и санкции?
- Колку една ваква шема би ја "проширила и надградила" подзаборавената "Македонска банка"?
Иако наликува на афера што руши влада, ова е потрес што руши партиско-олигархиски систем од неа Ковачевски може да излезе:
- посилен, доколку се погрижи институциите да работат по закон и по НАТО и ЕУ стандарди или
- поразен, доколку само оди по досегашната 30 годишна траекторија на парто-финансискиот систем.
Затоа и опозицијата е молчалива по темата: ПРСМ од обете партии имаат предлагано Гувернер. Но дали се сеќавате некогаш партиите во Собранието сериозно да оспориле избор на Гувернер или извештај на НБРСМ? Јас не.
30 години сите партии и бизнисмени "бараа" МК да влезе во НАТО и ЕУ. Влеговме во НАТО ама и НАТО влезе во МК. И со почетокот на ЕУ-преговорите, парасистемот на банки, фирми, партии, медиуми осигуран низ контрола на пристапот до инвестициски или обртни средства - почна да паѓа.
Одлагањата на нашите интеграции сега се поразбирливи, заедно со проектираните судири на и меѓу Македонците и дома и со соседите. Тие беа покритие за вистинскиот судир: на остатоците на системот до 1991 со несистемските Македонци и воопшто со граѓаните на Македонија.