НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Величковски: (Мини) реконструкција, (макси) потреба, (мулти) предизвици

29 септември 2022·Ивон Величковски
Судирите во и меѓу партиите се јакнат по обем на ликови и групации. Не според политички приоритети туку според листа на чекање за привилегии. За провладините медиуми фокусот е на актуелни претенденти за функционери, за опозициските - на идните претенденти за функции. И толку.
За 700.000 иселени од Македонија ова е сосем небитно. Во ваква држава и економија - не се враќаат до пензија. А веројатно ни потоа.
И за нас милион и кусур вон ваквите партии, сега за сега неиселени, судирите се небитни се додека не се зборува за:
- суштинските потреби на луѓето (животен стандард, социјала, здравство, образование, достапна правда)
- темелните предизвици за државата (корупција, безбедност, евро-интеграции).
Затоа, време е за предупредување до Ковачевски и СДСМ под негово раководство дека по 9 месеци кабинет - тој веќе не е "нов", туку премиер со доволно простор и време за национална политика и институционална пракса различни од оние на Заев.
Впрочем слабите перформанси ги очистија од Владата и екс-премиерот и кадровските талози на лажниот граѓанизам со привиден вестернизам.
Предупредувањето му доаѓа и од коалиционата ДУИ, во која начелно тече справување со интерни разлики, коешто лесно може да стане поголем предизвик за состојбата во мнозинството.
Накратко, само промената на пар владини имиња е недоволен зафат за упристојување на егзекутивата. Социо-економските потреби и стандардот на луѓето и бизнисот бараат координиран апгрејд на правосудството за справување со корупцијата која ја уништува институционалната капацитетност, а заедно го загрозуваат безбедносниот и одбранбениот капацитет на земјата.
Илустративно: македонското стопанство конкурентно само до Врање и Лесковац не може да обезбеди ни развој за себе ни стандард за граѓаните.
Тоа само ќе се труди да ги држи во спрега партиите и од нив контролираните институции и медиуми.
Такви институциите и натаму ќе пружаат само минимум (административни вработувања).
Овој минимум е доволен само за задржување на тековната состојба според потребите на марихуанскиот, енергетскиот бизнис и банките кои, видовме, децениски го користат високото ниво на корупција. А таквата корупција ги одржува:
- институционалната немоќ и
- социјалната и информативната подложност на државата на закани по безбедноста и одбраната.
Темелното реконструирање во партиите и институциите (на власта), оттука, започнува со политичка волја. Според најавените и тековните процеси, очигледно и со кривично-правни епилози.
А тоа е повеќе од прашање на промена на ликови.
Предупредувањето за групацијата МицкоСиев е непотребно. Ако ВМРО-ДПМНЕ до сега не разбра дека референдумите се второстепена тема долична за политиката до 2004-05, секое предупредување е излишно. Неспоменувајќи референдум за Преспанскиот договор, чинам, сепак веќе биле предупредени. И ја разбрале пораката.