Востанието во Македонија започнува на 11 октомври 1941 во Прилеп и Куманово. А антифашистичката борба е масивна дури откако во неа е препознат просторот за национално ослободување од колонизацијата започната по Балканските и Првата светска војна.
11 октомври 2022·Ивон Величковски

Низ принципиелна борба за слободата и не како идеолошка борба за комунизам.
Одбележувајќи го 11 Октомври, ние Македонците, како дел од слободните, демократски народи вистински го славиме делото на нашите предци само ако сме спротивставени на авторитаризам и диктатура - еднакво на нацизмот, фашизмот, комунизмот и останатите тоталитаризми.
Денес како народ тоа може и мора да го направиме :
- надворешно-политички, низ солидарност со Украинците во нивната одбрана од руската агресија,
- национално, низ градењето држава на рамноправни граѓани и на владеење на правото за искоренување на неказнивоста и коруптивноста кои се основа на тоталитаризмот и сиромаштијата,
- етнички, низ напуштање на комунизмот како замислен покровител на македонската самобитност и на идеолошките ревизии на ревидираната историја,
- граѓански, низ воспитување на нашите поколенија во духот на одговорност кон себе и заедницата,
- лично, низ отпорност кон лажните вредности за кои трудољубивоста е "слабост", а корумпираноста и површноста се "доблест".
Всушност денес 11 Октомври го слават Македонците подготвени на востание за:
- крај на окупацијата на службењачките "менаџери" и Југо/советска олигархијата врз партиите, банките, медиумите, институциите,
- рехабилитација на сите оние кои режимот ги стигматизира како "народни непријатели", "шпелуланти", "профитери", а всушност само биле имотни и анти-комунисти,
- враќање на Македонците во проактивноста низ европскиот дух наместо држење во апатија потребна за одвлекување на Македонците во кремлинскиот свет,
- отворање на досиејата на соработниците на режимот и нивните наследници кои низ позициите во финансиите, медиумите, институциите... се чуваат себеси, а не жртвуваат сите нас - останатите. И не скараа меѓу себе и со сите околу нас, за по осум децении пак да им биде добро само ним.
Честит 11 Октомври.