А дали Централниот регистар (не) би регистрирал српски културен клуб "Дража Михаиловиќ" во Скопје?
21 октомври 2022·Ивон Величковски


Иако Собранието во 2008 со Декларацијата им се извини на жртвите на комунистичкиот режим, Македонија се уште ги нема осудено тоталитарните режими: нацистичкиот, фашистичкиот и - комунистичкиот. Оној кај нас и ширум Источна Европа, на кој се темелени и историските и воопшто дефинициите во општествените науки.
Таа Декларација е основа на иницијативата за рехабилитирање на жртвите на југо-режимот во Македонија до средината на 1950-тите на кое повикаа потписниците на Тиранската платформа.
Со крајот на Втората светска војна во екс-Ју и Македонија оди темелно и брутално инсталирање режим, од масакрите во Блајбург, преку Бар до нашите тетовски Монопол, скопско Кале, струмички Студенти и други егзекуции по етничка и идеолошка основа, преку пресметка со неговите противници до промена на сопственичката структура.
Она што денес во Македонија свесно се премолчува е дека изедначувањето на комунизмот со останатите тоталитаризми (од Советот на Европа и Европскиот Парламент) отвори процес на деидеологизирање на историјата, третманот на историските личности и отворање на досиејата во ЈИЕ, вклучително и кај нас.
Тоа секако прво ќе ги групира во "одбрана", а потоа трајно ќе ги пензионира лобијата и многумината економски, информативни, полит-институционални и безбедносни "бардови" со личен придонес и семејни линкови во минатиот систем.
Процесот е континентален, национално и идеолошки неексклузивен.
Тоа во регионот го изедначува историскиот придонес на личности на начин незамислив пред пар децении. На пример на Драгољуб (Дража) Михаиловиќ со она на Јосип Броз Тито во Србија, наспроти нерехабилитирање на анти-семитизмот и фашизмот на Љотиќ или на Царот Борис Трети со она на Георги Димитров во Бугарија, наспроти нерехабилитирање на профашистичката влада на Филов.
Во такви околности, реални се прашањата зошто културен клуб на Бугарите "Цар Борис Трети" или на Србите "Дража Михаиловиќ" би бил помалку прифатлив за регистрирање од "Титови леви сили"?
Зошто е скандалозно името на клуб "Цар Фердинанд" или "Крал Александар", кога врвен успех на минатата локална власт во Скопје беше враќањето на името на улица "Ленинова", а во Тетово уште има ул. "ЈНА"?!
Во однос на најавените измени на законот за здруженија на граѓани, потребен е консензус на општеството наспроти консензусот на "јавноста" и катедрите по бранковизам и груевизам на Правниот факултет Скопје:
- нема забрана на имиња за законско штитење на идеологизација на македонската историја и легитимирање на тврдењата на бугарската страна,
- ретроактивност во закон е свесно подметнување нова сопка на патот на преговори кон ЕУ и, уште поопасно, преседан што ќе се преслика,
- наместо наседнување на стари финти поради предвидливост на политиката на системските Македонци, да не се користат кратенки или имиња на историски движења (ВМРО и неговите деривати) во имиња на здруженија и партии.
Слободно дополнете го списокот. На барања до одговорната политика, а не на желби на дневните политиканти.