Величковски: Драго ми е што времето ни потврди заложби за коишто низ изборните циклуси, вклучително сега низ Движењето за нова република се залагам(е) од 2014.
3 ноември 2022·Ивон Величковски

1. Внесувањето на Бугарите, Хрватите, Црногорците во Преамбулата низ призма на гарантирање на колективните права на граѓаните.
Македонците го потврдуваат својот национален и државотворен капацитет во рамноправност, а не во негирање на различноста.
2. Реформулација на "јазикот што го говорат 20%..." со "албанскиот јазик".
Негирањето на стекнатите права од 1974 е основа на сите кризи од 1991 наваму според замислата на "Жабљанска", а не на независна Македонија.
Процентуалната формулација треба да остане за локалната самоуправа, за и турскиот, српскиот, ромскиот... да бидат службени во општините каде граѓаните непосредно остваруваат свои права.
3. Избор на Претседател на Републиката во Собранието.
Двотретински избор на Претседател во Собранието одразува политички, партиски и етнички консензус во избор на шеф на државата кој обединува, наместо само коалициски избор на резидент во Вила Водно.
Но за што и натаму денес не се зборува?
За пар измени кои сосем ќе го сменат идентитетот на Републиката, а не на Македонците или граѓаните на Северна Македонија:
1. Изедначување на македонската кирилица и латиница во Уставот.
Кога зборуваме за "запишувањето на македонскиот 1977 во ОН", не кажуваме дека тоа се однесува и на нашето латинично писмо.
Албанската, турската, црногорската... латиница како единствени абецеди на овие јазици не им ја намали посебноста, туку ги приближи овие народи до западниот свет каде припаѓаат по географија и по сопствен избор.
2. Уставна можност на воспоставување меѓународна и особено европска правосудна надлежност по предмети од корупција и висока корупција.
Нашето обвинителство и судство покажаа дека не се капацитетни сами и во целост да се справат со оваа материја.
Корупцијата како национална, регионална и поширока финансиска и безбедносна закана бара транснационална соработка и борба со неа.
Како што ниту едно злосторство во екс-Ју немаше да биде санкционирано без меѓународен трибунал, така и корупцијата нема да се сузбива ако не се прекинат нејзините пипци дома, континентално и пошироко.
Има и уште едно прашање со длабоки импликации по квалитетот на живот и на националната економија што зависи од Уставот - Стекнувањето жителство според критериуми.
Сите се воодушевуваме што Љубљана не е половина Словенија и посакуваме словенечки модел на одржлив развој. Неговото реплицирање кај нас бара уставни основи за да може да се применат соодветни стратегии и законски механизми.
Да заклучиме:
- Знаеме што треба и дојден е моментот,
- Потребна е храброст и решителност тоа да се стори,
- Да ја прекинеме шарадава. Првите 3 точки се толку елаборирани и преџвакани што се здодевни.
- Со вторите 3 да го антиципираме потребното, наместо уште 3 децении само да санираме штети.
Штета што овој процес не е под покровителство на Претседателот на Републиката. Но, за тоа сепак треба и да има претседател на републиката, наместо само потстанар во Вила Водно затрчан по меинстримот на партиите.