Пресретнувајќи ја предвидливоста, да се ориентираме кон одржливоста
5 ноември 2022·Ивон Величковски

Притеснета од својата анти-реторика и кокетен презир кон ЕУ и НАТО, ВМРО-ДПМНЕ се проектира да глуми "мнозински претставник на Македонците и делови од останатите минус Албанците".
Калкулирајќи дека така "странците и Албанците мора да го прифатат", Мицкоски (би) го реплицира(л) Груевски од 2008. Додека проектира "загрозеност" на Македонците - ги "брани" со сонца од Вергина, "Мајски" договори - и прераспределба на семејни и бизнис влијанија.
Веќе видено, платено со периодот 2006-17.
СДСМ пак, несигурен и притеснет од својата кабинетско-интегративна реторика и тендерска практика се оддалечи од своите, но особено од гласачите кои од 2015 инвестираа доверба во нив за промена на подобро, а не само на ликови.
Нејсе, полесното решение на собирање "и шуто и рогато" на едно место, уште еднаш покажа дека поедноставното не е покорисно. Повторена поука по 2002/06/08/11... и за нас и за странските пријатели.
Ковачевски засега личи дека започнува со санирање на штетата. Успехот му зависи од тоа дали покрај владата, ќе ја предводи и својата партија.
И дали ќе додржи во дистанцата од (политичката пракса на) Заев и Заевата владина, коалициска и кадровска политика, чии ликови сега се последични пополнувачи на упразнетите амбасадорски места. Или цел на интерес на ДЕА или на правосудствата.
Во ова секако од клучно значење ќе му биде личната и посветеноста на неговото политичко опкружување во пресметката со корупцијата.
А во неа ќе може да влезе и да не биде осамен се додека одбива лидерски братимења со Мицкоски во 4 очи за македоно-тендерско национално единство.
Тоа ќе му го одржи или надгради постојниот кампус, собирајќи ги на едно место оние посветени на ЕУ/НАТО-партнерска, економски и образовно компетитивна нација во (Северна) Македонија наспроти оние посветени да ги држат Македонците како обесхрабрен дел од народ во "Република Македонска".
Од успехот на овој процес зависи и дали ќе се искористи последната шанса да се менува застоеноста на Македонија. Моментумот низ Берлинскиот процес е во прилог на тенденцијата.
Плачот на Отворен-Балканското лоби засновано на коморските, старо-партиските фамилијарни кадри и децата на Белград-бојсите, затоа, е охрабрувачки.
Тоа подразбира и ослободување од медиумската камарила која го поддржуваше Отворен Балкан исто како и неуспешно проектираниот референдум со задача само некритички да го застапува посакуваното.
Предизвикот за Ковачевски е да се ослободи од пропагатори на фикс-идеи и да се определи за фиксна реалност.
Ова секако не е можно во помиреност со досегашните траси и нивните селектирани ликови од "елитата" и "странците".
И без отворање и посегање кон непретставените повеќе од половина гласачи. Македонци и Немакедонци.
Е тоа не зависи ниту од СДСМ ниту од ВМРО ДПМНЕ.