НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Уставни измени за незастарување на кривични дела од приватизација и на злосторства против човештвото од 1944 наваму? И зошто да?

6 ноември 2022·Ивон Величковски
Секој од нас барем еднаш досега го забележал лебдечкото чувство дека како земја, народ и нација нешто постојано ни го подјадува внатрешниот мир. И како максимата "не е сега времето за тоа" не влече назад во стагнација додека другите одат напред.
Во мандатот 2011-14, коалицијата СДСМ иницираше уставна измена за незастарување на кривични дела од приватизацијата, а ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја одбија.
И тогаш и сега општествената поддршка за вакво решение остана, оти ќе корегираше макар дел од повторената неправда на приватизација што и претходеше на денационализацијата.
Во Тиранската платформа потписниците се согласија на две формулации: "Усвојување Резолуција... за осуда на геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-52" и "Целосно расветлување на случаите "Сопот", "Бродец", "Монструм" и "Куманово" низ комисија или независно меѓународно тело".
Премолчувањето на овие настани не е општествено, туку инспирирано од партиите и премолчани од медиумите - продолжетоци на пред и пост-југо олигархијата одржана со приватизацијата.
Но има една подлабока нишка на покривање на непријатното со нови слоеви кратко паметење и политичка коректност.
Имено, со Тиранската платформа Албанците го означија периодот кој нивното колективно сеќавање го препознава како време на репресија по етничка и идеолошка основа на територијата на државата (Северна) Македонија (од Балканските војни до инсталирањето на југо-комунистичкиот режим вклучително промената на сопственоста).
Под превезот на "не е сега време", ние Македонците како свесно да го премолчуваме овој период во Северна Македонија од Балканските војни и Охридско-Дебарското, Тиквешкото востание, колонизацијата, Масакрот во Богданци до Втората светска војна или Скопско кале, Струмички студенти се до национализацијата и колективизацијата по војната, небаре тоа е време на наш процут?
Плашејќи се од соочување како со познатото, така и со премолчаното, (не)свесно го идеологизираме и странично го слабееме субстратот на АСНОМ. Оти АСНОМ не е идеолошки, туку правен камен-темелник на државноста на македонскиот, заедно со другите народи што и тогаш и денес живеат тука, во федерална или во независна Македонија.
Затоа Собранието има донесено Декларација за извинување на жртвите на комунизмот, но не и за осуда на комунизмот еднакво со останатите тоталитарни режими.
Од истите причини одложуваме дебата за отворање на досиејата на соработниците на ју-службите, што официјално ни се предлага и бара и од Советот на Европа и од европскиот Парламент.
Употребата на (наследниците на) соработниците им одговараше на сите додека пост-советските олигарси ширум Европа и регионот не станаа логистика на путинизмот и неговите автократски подваријанти.
По агресијата врз Украина, тоа време е завршено.
Затоа, да си одговориме и дали во име на застарување на ваквите злосторства до и по 1944 свесно ги премолчуваме и оние од 2001?
"Мавровски работници" и "Бриони" не се застарени со уставните измени за кои зборувам во насловот, исто како што ќе ги откријат и сторителите на "Тетовски монопол". Ничија крв не заслужува да се прекрие со правот на заборавот.
Уставните измени наведени во насловот затоа се минимум еднакво битни за дебатирање како и оние произлезени од евро-интегративниот процес.
Тие нема да ги вратат жртвите. Но ќе ги идентификуваат сторителите и нивните наследници кои низ системот (на премолчување) ја приграбија државата, финансиите, политиката и медиумите.
И, спречувајќи ни го соочувањето со епизоди од минатото, сериски ни ја саботираат иднината.
Одржувајќи го она лебдечко чувство на непријатност, небаре проколнатост, поради кое не можеме да мрднеме напред.
Нема држава во која немало неправди. Но, нема ниту просперитетна држава која во еден момент не се соочила со неправдите кои се случиле на нејзина територија, кој и да ги сторил во неа.
Праведниот може да бара правда. Неправедниот може само да тргува со поимот правда. Тоа ќе ни го избистри и погледот кон соседите и нивниот кон нас.
Ова не е прашање на партиски панаѓури и трибини, туку на национална, општествена и државничка свест.
И одговор зошто само формално имаме граѓански концепт (низ етнички ракурс на злосторот) и само формално се бориме со корупцијата (која е средство на олигархијата и нејзиниот финансиски систем).