НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

При активно решавање на спорот со Софија, "јавноста" вреска дека Министерот за надворешни, (Албанецот) Османи "не ги штити Македонците". Ама сите молчат зошто ни Заменикот министер не е Македонец?

8 ноември 2022·Ивон Величковски
Парадоксално, овде не е битно името на Заменикот. Отсутна од процесите, таа може да е заменик во било кој ресор. Но, дури и втренчени во етничкото, повторно нешто " не се поклопува".
Ете, Ковачевски со оваа позиција го задоволил Тачи. И Ахмети е задоволен оти "има" Албанец на чело на МНР.
Но чудно, Павле "Реципроцитет" Трајанов се задоволил со Заменик во Локална, а не во Надворешни?! Ајде, тој "превидел", но оваа позиција не била од интерес ниту на Лиле "Еколошка" Поповска? Хмм...
Добро - ќе речеме - од Владата толку.
Но што е со опозицијата?
На толку "албанизација" и протести против "бугаризација" на Македонците, зошто Мицкоски и Апасиев не прашуваат зошто ни Заменик-министерот за надворешни не е Македонец?!
Е па одговорот дојде овие две седмици, во два дела.
Прво Османи го праша Мицкоски како им помогна на Македонците кога одејќи во Благоевград на отворањето на Македонскиот културен клуб практично го дерегистира во "приватен" клуб? Според молкот како одговор - никако.
Ова стана посредно прашање и за Претседателот на Републиката, кој на настанот имаше претставник од својот Кабинет и со тоа проба државната да ја подреди на дневно-партиската политика.
Второ, денес во Софија, Османи институционално го отвори прашањето на формализирање на Клубот во Благоевград, согласно Софискиот договор и добрососедството меѓу државите.
И така се исцртаа двата пристапи:
- Мицкоски/Пендаровски политички отвораа клуб според потребите на Македонците од Македонија,
- Османи институционално отвора пат за клуб според потребите на Македонците од Бугарија.
Наместо за односи меѓу народите како до Софискиот и Преспанскиот (Мицкоски и ПРСМ), МНР прецизно се држи за односите меѓу државите. Според смисолот и текстот на потпишаното.
Овие разлики во пристапот ги илустрираат разликите во мотивите:
- успешно спроведување на Софискиот за МК во ЕУ и
- спротивставувањето на интеграцијата преку саботирање на Софискиот.
Разликите, со тоа, се очигледни на две нивоа:
- меѓу мнозинството и опозицијата и
- меѓу Владата и Претседателот на Републиката.
Гледајќи ја "широкопојасноста" на отпорот кон Османи во спроведувањето на Софискиот договор, станува јасно дека "санитарниот обрач" околу надворешната политика на Северна Македонија ќе опстане се додека ние (во партиите на) Македонците се држиме до југословенското поимање на надворешната политика - при сопствена независна држава.
Далеку пред Преспанскиот договор потенцирав дека договореното решение меѓу Македонија и Грција треба да го потпише Македонец, бидејќи тоа е и национално, но и етничко прашање на македонскиот народ и за него не треба да бараме одговорност во друг етнос во Македонија.
Истото денес се однесува на потребата Македонец со политичка функција и одговорност да учествува во спроведувањето на чекорите на Софискиот договор.
Тоа не го елиминира Османи од министерската позиција. Напротив, солидарноста е двострана, исто како и одговорноста.
Ако сакаме да покажеме зрелост како народ, тоа треба да се манифестира и во иницијатива за преземање одговорност во процесот кој решава северномакедонска државна и македонска народна долгогодишна потреба - уредување на односите со соседите и европска интеграција.