НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

"Под житото"

15 ноември 2022·Ивон Величковски
По празниците ќе се види она што летово се насетуваше, а денес се исцртува: "протестите", барањата "реципроцитет" и "гаранции од ЕУ" се само
- маневар за спас на пар политички кариери и
- де факто признание дека се крши отпорот на целата (стара) групација кон (северно)македонските интеграции коишто не се водат по нивен терк.
Лагата за "опасност од бугаризација со францускиот предлог" ја разобличи самиот Мицкоски (историски точно) признавајќи го неговиот партиски (и со тоа лидерски) "континуитет од Ванчо Михаилов". Ете и Трајанов и Јакимовски "ќе гласаат уставни измени ако се почитуваат Македонците во Бугарија".Апасиев сеуште се надева на ефект од иницијативи за референдум, де некомплетни де дополнувани, ама никако стокмени за да се ефективни.
Одењето кон уставните промени го најавуваат неколку илустрации:
- "отслужената збирна затворска казна" на Камчев;
- снемувањето на Мијалков и на "Делчевски ниви"... од фокусот на медиумите и истражните органи,
- молкот на "јавноста" пред очигледно крчмење јавни пари, како на пр. кога единствениот понудувач "по тендер" ќе го снабдува ЈСП со нафта по малопродажна цена за литар - која секому (па и на ЈСП) му е достапна и без тендер?!
Добра вест е што "Крсто Мукоски" моделот на амандмански учинок е виден и - непотребен. "Отпорот" кон уставните промени и евроинтеграциите се рони во сите пратенички и советнички групи, партии и коалиции оти никој не гледа смисла некој да се бламира, за партиското раководство и пар претприемчиви поединци да се "натанкираат".
Мицкоски гледа оти трампизмот, меркелизмот, (во Македонија груевизмот) завршија со руската агресија врз Украина. Ако избере да се трка со парадерството на Апасиев, Христијан ќе го следи Димитар. Ако не, има можност ВМРО-ДПМНЕ да го следи Мицкоски.
Ковачевски гледа дека и најдобрите зборови за иднината не се доволни за добро владеење денес.
И дека ако паралелно и решително не ги води анти-корупцискиот и ЕУ-интегративниот процес, ќе остане подреден на "јавноста" и на кириличните стаф-ови на западните амбасади. За ваквите искуства може да се информира од претходникот.
Бидејќи не ја спроведуваа приватизацијата, ДУИ/АА/ААА/Беса/Левица... не се извор туку последица на финансиската, партиската, медиумската и правосудната мрежа на пост-приватизациската југо-олигархија што ги корумпираше институциите и го блокираше системот во (Северна) Македонија.
И во неа се вклопуваат, во неа не креирале туку биле креирани.
Затоа успехот на процесите зависи од сведувањето на "големите партии" во природни димензии.
"Големите" станаа големи бидејќи по 2002 се бараа крупни решенија од робустни мнозинства.
Робустните мнозинства 20 години потоа, природно за неприроден процес, создадоа робустна корупција.
А таа мрежа - промотор на (кадри со) "европски вредности" сега е презрена како коруптивна и разорна - оти стана тег за сите. И од неа мора да се ослободуваат сите што ја плетеа и поддржуваа - и партии и амбасади.
Како таа се расплетува, така веќе од јануари 2023 ќе овозможи досегашните противници на дополнетата Преамбула да откријат причини "ете, да помине и ова решение". На кое ќе тврдат дека никогаш и не се спротивставувале.
Но тоа е само почеток.