Ширењето на парламентарното мнозинство крие и неромантични предупредувања што "јавноста" нужно ќе ги премолчува
19 ноември 2022·Ивон Величковски

Замислен на ваква основа, процесот ќе произведе две основни "диференцијации":
"Диференцијација" 1, низ поддршка/отпор кон уставните промени, меѓу:
А) "интегристи", партии и групации коишто се за уставни измени за продолжување на преговорите со ЕУ (СДСМ+ коалиција+ДУИ+АА+ААА) и
Б) "националисти", насочени само кон Македонците и дел од Неалбанците за да се позиционираат како неизбежни во друга влада (ВМРО-ДПМНЕ+Левица).
Неупотреблива, оти и интеграциите и национализмот 30 години ни се само фолклор на институционалната корупција и партискиот клиентелизам.
"Диференцијација" 2, низ застапување за мулти-етничност или етно-затвореност, меѓу:
А) "граѓанисти", СДСМ+ и партиите на Албанците, со намалена претставеност на Македонците во однос на Немакедонците како хендикеп и
Б) "македонисти", ВМРО ДПМНЕ+ и Левица, со непретставеноста на Немакедонците, исклучивост кон Албанците и југо-интерпретирање на македонизмот како хендикепи.
Исто неупотреблива, оти вака како што се користат до сега и "граѓанизмот" и "македонизмот" се само механизми за спречување на модерна нација и за одржување на поделените општества.
Внимание, обете произведени "диференцијации" ќе ги одразуваат потребите на партиите, а не потребите ни на Македонците ни на Албанците, додека останатите и натаму ќе ги сведуваат на - "останати".
Откако Груевски го потроши "национализмот", Заев го исцеди "граѓанизмот", а Ковачевски, Ахмети и Мицкоски го обесмислуваат "интегризмот" држејќи се до "Отворен Балкан", приоритетите во Северна Македонија се вратени на оние од 2015-16:
- функционалност на институции и
- почеток на реална борба против корупцијата
...за воопшто да има шанса за државна политика насочена кон животен стандард за луѓето.
Затоа броиме веќе седма пропуштена година по 23-те претходно пропуштени.
Во констелација на слабо функционални институции и далеку од убедлива борба со корупција, најавеното "дополнување" на мнозинството и самоизолацијата на опозицијата ќе се без посуштински ефект вон (ближење до) 2/3 мнозинство за уставни измени.
При вакви СДСМ и ДУИ, пратениците од АА може да станат само бројка, оти личи дека веќе одржувањето 61 е покомплицирано од доаѓањето до 81 пратеник.
Во такви околности, статус-кво-то останува и со и без избори и со и без уставни промени, бидејќи:
- поместувањето од постојните позиции на партиите од власта и опозицијата и
- поместувањето на групациите во секоја од партиите во власта и опозицијата
...станува се потешко.
Тоа значи натамошно исцицување на:
- буџетот кој е основна цел на партиите и
- на партиите кои се основна цел на "бизнис-елитите", "експертите" и "јавноста", за да имаат пристап до средствата од - буџетот, односно со тоа...
- на животните сокови на државата за потребите на паразитите на корупцијата спонзорирана од буџетот.
Односно на сите нас преостанати во Македонија.