НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

"Онишченко" е одраз на безбедносната состојба координирана од Ковачевски, Спасовски, Димовски, Верушевски. И повод за конкретни прашања/чекори

21 ноември 2022·Ивон Величковски
Во основа: Случајот ни ја покажа НАТО-незрелоста.
"Преносот" од собраниската Комисија за контрола на службите ја покажа и ниската безбедносна култура.
"Добро во лошото" е што во ера на "Магницки" и на потреба од справување со путинистичките малигни влијанија, аферата ни илустрира институционално- кадровски слабости и не води кон правци и чекори за подобрување на системот.
За јасното: Согласноста од АНБ за државјанството е само дел од проблемот. Се знае кој и кога (свесно) потфрлил и треба "само" санкција за секој во секое скалило од прекршената процедура. Без тоа, одговорноста е на Димовски, а потоа - ако засегнатите не ги разреши - на Ковачевски.
За премолчаното: Битно е АНБ да истражи кој го довел Онишченко во Македонија, преку кого и каков контакт воспоставил и за кои цели.
За да видиме дали, односно колку "Онишченковци"...:
- ни се "гости" или веќе се "државјани",
- воспоставиле врски тука и по кои линии, и
- создале свои финансиски, но и мрежи во партиите/институциите/политиката...
Роковите и за јасното и за премолчаното течат.
На конкретниот случај гледаме колку безбедносните закани се поврзани со финаниски влијанија кои одат преку пост-советските/југословенските олигарси (во Северна Македонија и во регионот).
И низ децениското корумпирање службеници, функционери и, преку нив - институции, ни се закана по правосудството и владеењето на правото, по безбедносниот апарат и по одбраната на земјата.
За остварување малигни влијанија, олигархиските и црните пари потребни за корупција, терористички и хибридни закани, пропаганда и дезинформирање... имаат потреба да се "легализираат".
За таа цел, потребно е "под радарот" да ги изодат банкарските и крипто-валутните патишта.
Ако независната истрага за "Евростандард" навести дека банкарските траси на нелегални финансии се откриваат, крипто-валутните се уште се "мрачни".
Затоа, до каде е Законот за крипто-валути, најавен како приоритет уште во експозето на Премиерот?
Кога сме кај законите, за потребата од донесување Закон за заштита на критична инфраструктура во 2019 и во 2022 зборувале министрите Спасовски и Петровска. Закон се уште нема.
Во организиран систем на политичко раководење, за навремено и квалитетно изготвување, Премиерот можеби го делегирал координирањето нацрти на овие акти. По логика на нештата, на неговиот Советник за безбедност, Верушевски? Кој по таа логика е во координација и со Кабинетот на ПРСМ?
За имплементација да не зборуваме. Површно кажано, како функционира Акцискиот план за заштита од хибридни закани кога во серија евакуираме средношколци поради дојави за бомби?
Овде изложените прашања и приоди се политички и институционално насочени и, за да бидат корисни, не треба да бидат пресретнати партиски, како до сега.
Оти партиското во безбедноста и не доведе до тука.
Впрочем до сега од Мицкоски, Чулев, Ковачки за ова нема ни "зуц". Нека "не си ја расипуваат петката" со барање НАТО стандарди во безбедноста на Северна Македонија.