НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Величковски: Јавниот превоз во Скопје може да се среди, но како и за се - треба да има волја и знаење, а да нема (партиска) алчност.

24 ноември 2022·Ивон Величковски
Претседавајќи со Комисијата за сообраќај во Советот на Скопје 2005-09, бев посветен на градската политика за јавен и такси превоз, паркинзи и одржување на градските сообраќајници.
Низ таа призма споделувам неколку сугестии за тековните состојби и реформатирањето на градскиот превоз.
Кога ЈСП беше блокирано од УЈП, го поддржавме и протестот на вработените. Со заеднички пристап се надмина и блокадата кога "Пролетер" сакаше да го спречи селењето на старата Меѓуградска автобуска станица во Транспортниот центар..
Во овие и други ситуации сме стоеле заедно и мнозинство и опозиција - воспоставивме консензус за витални прашања наместо позиција на обични партиски претставници во Советот.
Со таков пристап, се дојде и до моделот и формулата за исплата на средства за превозниците според изминат километар, усвоен од Советот, откако беше усогласен со и меѓу ЈСП (тогашниот директор Орце Ѓорѓиевски) и приватните превозници (тогаш и сега претставени од Ленин Јовановски).
Тогаш завршија "трките" кој порано да тргне од постојка за да ги собере патниците од следната.
Формулата овозможи рамноправност на пазарот за одржлив јавен превоз, поевтин од индивидуалниот и со координиран возен ред.
Моделот е недискриминирачки, бидејќи со него се калкулираат трошоци според мерливи параметри (од измината километража до цена на гориво).
Притоа не се "измисли топла вода", туку решението е од европските и регионалните превозни системи на патници и од искуствата на UITP.
Формулата гарантира мерливост, но и отчетност кон јавните давачките.
Градската субвенција не е доволна за автобусите да останат во промет без наплата на патнички билети, па загрижувачко е тврдењето на Градоначалникот Арсовска дека приватните 5 години не пријавиле продажба на билети.
Тоа бара сериозна истрага оти исплатените средства од Градот морале да завршат кај превозниците, за заедно со билетот на приватните превозници да им овозможи:
- допокривање на трошоците за плати и одржување,
- генерирање средства за обнова на возниот парк.
Но ако за превоз не се плаќал билет оти приватните не преземале количина од ЈСП, дали превозот го наплаќале според свои билети? Или готовински/со картичка и за тоа издавале (фискална) сметка? Ако не, ми личи дека Јовановски навистина должи одговори - пред институциите и пред своите превозници?!
Се надевам дека грешам, но бидејќи дел од приходите на "приватните" се од јавни пари, што подолго нема јасни одговори - толку поголеми се сомнежите за злоупотреба и корупција.
И опасностите што без билет или сметка за услуга, практично и нема воспоставена обврска меѓу давател и корисник на услуга, ниту осигурување од незгода... во јавен, градски превоз на патници...?!
Системски гледано, јавниот превоз во Скопје не ќе биде одржлив ако остане само автобуски. Доколку Скопје барем по една трансверзала (исток-запад) не биде поврзано со вид на брз (било шински или друг вид) формат на масовен транспорт, јавниот нема да биде поатрактивен (поевтин и побрз) тип на превоз на патници. И ќе остане прескап, односно презависен од субвенции, што ги плаќаме сите.
Во 2009 зборував и за потребата од организирање на автобуските линии според концентрични кругови и за таа цел, од адаптирање на билетните модели, а не само на цената по билет.
Ако не се лажам, се уште имаме линии што превезуваат патници од Транспортен Центар до крајна точка (викенд-населба) што е поблиску до Свети Николе одошто до центарот на Скопје?! Ваквите линии најчесто му се доверени на ЈСП и тие се дел од причините за загубите на претпријатието.
Гледам дека и по 13 години малку е поместено.
Да внимаваме оти, како и во се - и на ова поле инерцијата и корупцијата ќе ни ја изеде одржливоста.