НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Едноставно е: Арачиново мора да плаќа струја. "Ленинистите" мора да плаќаат данок по наплатени билети во јавниот автобуски превоз во Скопје. Продолжете ја низата. Се друго е корупција, нефункционалност и сиромаштија.

5 декември 2022·Ивон Величковски
Со децении "јавноста" беседеше за кражби на струја во Арачиново. Пред пар месеци мрежата падна и, по протестите, ЕВН влезе во општината и наплатата (на долговите и редовните трошоци) започна.
Само никој не одговори кој од власта со години беше покровител на ненаплаќањето од големи корисници, додека домаќинствата си плаќаа и трпеа, од среде 1990-тите. И дали некој и за кого рудареше крипто-валути на пр. И кој се од тоа се офајдил.
Исто денес во Скопје состојбата со јавниот превоз ни актуелизира долгогодишна афера што "јавноста" сака од корупциска да ја сведе на партиска и на судир на ликови, наместо со системска корупција.
Јавниот превоз е лиценцирана дејност, каде билетот е доказ за однос меѓу превозник (давател на услуга) и патник (корисник на услуга). За превозниците билетот е приход (пред и по оданочување). За Градот издадените билети се показател за искористеност на линиите, значајно за организирање одржлив јавен превоз. За УЈП билетот е основа за данок кој, според информациите од медиумите, е затаен најмалку 4-5 години. Бидејќи ЈСП наплаќа билети, а приватните не, вторите биле ставени во повластена позиција.
Одговорноста може да се лоцира секаде:
- Превозници, организирани преку здруженија,
- Градоначалник и Градски инспекторат кои толерирале ненаплата на билети во минатото,
- ЈСП (раководство и Внатрешна контрола) кои не ги задолжувале приватните превозници со билети,
- УЈП која до сега не вршела контрола ниту на ЈСП ниту на приватните превозници.
Затоа тековните блокади се само обид за дефокус од истрагата започната од УЈП и Финансиската полиција и обид за продолжување на јавашлукот.
Иако личи препуштена сама на себе - Арсовска по ова прашање за сега покажува решителност за спречување на незаконско одлевање јавни пари.
Субвенциите доаѓаат од буџетот - и од скопјани и од цела држава. И треба да се исплаќаат според извршена услуга утврдена преку гпс-уред и број на продадени билети, на кои се плаќа данок.
Оттука, правилно е и раскинувањето на договорите кои не се склучени со превозниците, туку со нивно здружение. Впрочем приватните автобуси не се во сопственост на здружението ниту тоа е компанија за превоз.
За илустрација: кога одиме на лекар, услугата ни ја наплаќа болницата - а не здравствениот Синдикат.
Затоа, би советувал:
- Превозниците да не бидат заложници на туѓи привилегии оти тие егзистираат од својата работа, а на нивен грб други лицитираат со политичко влијание.
- Опозицијата да излезе од дневните шеми на "Ноќниот волк". Опозицијата нема потреба да биде заложник на туѓа шема. Мицкоски можеби.
- Власта да одговори пред граѓаните каде оделе парите, наместо да прифаќа прес-препукувања по мерка на Мицкоски и Апасиев.
Завршена истрага со јасен правен епилог и обезбедено право на движење се инструментите на власта кои скопјани ги очекуваат и бараат да се применат.