Наместо отворено писмо до американскиот амбасадор: Патоказ за трајна и системска борба со корупцијата.
9 декември 2022·Ивон Величковски

Да, таа се ширеше пред очи на дипломатите:
- од ним "омилените" политичари и партии,
- од приватизациските југо-советски олигарси и нивните антени, драги гости во резиденциите,
- со премолчување на медиумите и нво-ата во кои истураа донации и проекти .
Но дипломатите не ни се виновни за се - ним Македонија им е мандат, а нам - живот.
Очекувано е: корумпираните (ќе) се обидуваат со "големи изјави" да се вградат во борбата против нив самите и однапред да ја саботираат.
Свесни сме: Украина покажува колку корупцијата е средство на руските/источните малигни влијанија за блокирање на институциите, осиромашување на луѓето и уништување на системот (на вредности) "од Урал до Атлантикот" вклучително и во Македонија.
Партиите и амбасадите веќе немаат капацитет да му се наметнат на општеството.
Наместо жалење, еве ПАТОКАЗ ЗА ПОСТОЈАНА И СИСТЕМСКА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА.
Еве дел од акти и дејства на вмрежени институции во Македонија, САД, ЕУ и ОК за заедничка цел и потреба. Тој сублимира предлози на политички активисти и аналитичари во изминатите 8 г., кои ги игнорираа и Македонците и Албанците и странците.
Основната формула е: Отворање на досиејата на "дејците" на екс-службите + постојан Ветинг + оспособување на (право)судството + санкција и конфискација на нелегалниот имот.
Чекорите се описни, а не редоследни.
1. Постојан Ветинг и проверка на потекло на имот на:
- политичари, функционери, судии, обвинители, вработени во државна и јавна администрација,
- сопственици на медиуми и новинари,
- сопственици, управни и надзорни органи во финансискиот сектор (банки, штедилници, осигурувања, даватели на финансиски услуги),
- сопственици, управни и надзорни органи на
а) компании со државен удел во сопственоста,
б) фирми-учесници на државни и јавни набавки и тендери (до) сега,
в) компании и установи кои пружаат услуги со јавни средства (од здравствени, социјални фондови и сл.),
г) нво-и корисници на јавни и странски пари,
д) струкови и економски комори.
Како по службена должност така и по допрен глас.
Еднаш поминатиот Ветинг не е траен и не опфаќа само поединец туку и негово широко семејство.
2. Отворање на досиејата на соработниците на поранешните служби. Тие и нивните деца беа и се распоредени по институции, партии, медиуми... и се функционална мрежа на ју-советската олигархија официјализирана во "елита" што не доведе до тука. И дипломатите/Западот до статус на потсмешливост.
3. Оспособување на истражителско-обвинителската и судската оперативност. Нема докажување и санкција на делото што не е откриено и разјаснето.
Згрутчувањето на артеријата МВР-ЈО од 2006 до денес овозможи само скандали со контролиран медиа ефект, без ефективно владеење на правото.
Поврзано, деблокадата на судството е следствена и несопирлива.
Потребни се соодветни целни и генерациски обуки за да се инвестира во применливо знаење и вештини и на оние кои ќе работат, а не кои одат во пензија.
Компјутери/канцеларии има, потребни се луѓе со знаење и "срце".
4. Ефикасната заплена на нелегалниот имот и пари е закана за корумпираните. Оставени без пари и "чалам" дека се помоќни од државата - тие се лесно решливи. Исто како и партиите преку кои дошле до влијание и статус. Западната помош во адаптирање на регулативата и охрабрување на човечкиот ресурс за овие цели е добродојдена.
5. Државна иницијатива и Западна поддршка за меѓународно процесуирање и санкционирање на корупцијата во С.Македонија и З.Балкан. Нашата и регионалната корупција се прелеваат и се закана и за нас и за сојузниците. Злосторствата во екс-Ју ќе останеа неказнети без Хаг, нели?
6. Официјална молба од државата до странските дипломатски претставништва за Ветинг на нивниот локален персонал. Тргувањето со влијание на бројни "кирилични Американци, Германци..." (не е исклучено да) е дел од преплетот на корупцијата и политиката.
За почеток, доволно е. Ако се сака вистински, темелно и долгорочно да се справуваме со корупцијата. И да имаме одржлива држава.
Со односот кон (застапниците на) овој Патоказ на тест се и Ковачевски, Спасовски, Грковска... Ахмети, Џафери, Меџити... Агелер, Хохштајн,.. И јас, ти и ние.