НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Безбедноста + (право)судството и партиите + медиумите на корумпираниот систем не може да се ефикасни во борба против корупцијата.

15 декември 2022·Ивон Величковски
Оти тие се создавани 30 години токму за да го градат и штитат - корумпираниот систем.
И без нивно прочистување под притисок на општеството, реформите ќе се сведуваат на нова форма на истата коруптивна суштина.
Притоа, реформа на судство без реформа на ресорот внатрешни работи и безбедност е невозможна.
МВР со вака концентрирани механизми и надлежности, што го сопира обвинителството и со тоа судството - се јавува како основна кочница.
Вака поставени, безбедносниот и судскиот систем невидливо, а функционално прецизно остануваат да се помагаат во одржувањето на системот (на корупцијата).
За илустрација: Судија соочен со комплетиран предмет од МВР и Обвинителство - нема каде да "застрани", а оној кој ќе застрани во оваа инстанца - лесно се лоцира и професионално санкционира.
Закочувајќи ги процесите, МВР практично го одржува системот на корупција во државата каков - наместо да ја осигурува безбедноста на државата, борејќи се против корупцијата.
Изворот на моделот е југословенскиот, со тоа што до 1991 МВР ја штити политичката економија и елитата на единствената идеологија, а по 1995 - елитата на коруптивниот финансиски систем.
Во него судството е поддршка на МВР, а не независна власт што ги штити животот, имотот и воопшто правата и слободите на граѓанинот.
Ова ни го спречува владеењето на правото.
"Полицијата" го брани секој, па и нашиот систем. Ако системот е корумпиран, произлегува дека таа, ваква каква што е - е заштитник на корупцијата.
Оттука, фокусот на борбата против корупцијата во оваа фаза пак мора да биде насочен кон МВР.
Новите функционери во МВР, АНБ и сл. мора да ги минат проверките за безбедносен сертификат. Но сертификатот на лојалност кон државата, а не кон партијата е прашање за парламентот.
"Странците", притоа, не се гаранција на успешноста. Фамата "Американците ќе не средат" е само фама.
Ниту Американци ниту Европјани не сакаат овде да бидат гувернери.
Ако работата си ја тераме ние, тие ќе ни помогнат. Ако не, тие ќе си го завршат своето, а борбата со корупцијата во Македонија пак ќе чека на нас кои знаеме и не се плашиме да влеземе во костецот.
Ако можат САД да направат "црна листа" на наши корумпирани за една година, а нашето МВР не за 30 години - проблемот не е кај нив, туку кај нас.
За оваа тема вака нема да зборува ниту еден традиционален медиум, оти нема информации ниту дозвола да ја рашири темата.
Не мешајќи се до сега во судството и размрдувајќи го правосудството, Ковачевски би одбрал правилно ако реши да го размрда и МВР. Ако чека, МВР ќе го измрда него.
Не станува збор за ликови туку за коруптивни процеси, да не заборавиме.