Потрага по поддршка за држење на Македонија во "рускиот свет": Антониј во МПЦ-ОА, Зоран и Христијан во "Бихаќка" и "Белата палата".
13 јануари 2023·Ивон Величковски

Украина ги забрза ЕУ, САД и регионот и изнуди отворен ангажман на инсталациите на "рускиот свет" низ континентот и во регионот.
Производ на ова забрзување во Македонија е отворената диференцијација и пресметка меѓу прозападните и происточните политички групации и ликови: Судир низ и меѓу партиите во земјата-членка на НАТО чие општество низ корупција и дисфункција на државата треба да остане порозно за пан-словенството како средство на Москва за пенетрација во Источна Европа и Балканот.
Како и српското, албанското, црногорското, косовското, босанското, бугарското.
Оваа операција во Скопје, секако, не е нова.
Таа е продолжение на "новото парламентарно мнозинство" од 2021, пресретната со падот на Заев и изборот на Ковачевски.
Нејзиниот видлив почеток е во (предвремените избори) 2020, а покриена под површноста на Калето, основата всушност е 4-5 години порано.
Поконкретно во 2020 започна обидот за елиминација на институционалното претставништво на Македонците и Албанците и за октроирано државно раководство на Заев и Мицкоски под покровителство на Пендаровски.
Тоа беше нивната тројна средба пролетта 2020 во Вила "Водно", по која целокупната кампања на изборите беше сведена на пресметка особено со ДУИ и Ахмети.
Целта беше одржување на власта на "кириличните Американци" на сметка на непретставените Македонци и Немакедонци, затскриени зад "отворено-балканската" мимикрија.
Неочекувано за нив, поддршката изостана од Белград на Вучиќ, кој веќе тогаш имаше започнато подготовки да ја престројува Србија од подопашник на Кремљ во регионален играч со Вашингтонски шмек.
Затоа средбата на партиите на Албанците во Тирана деновиве не ги вознемири Македонците, туку само медиумите и бизнисмените на Заев и Мицкоски.
Затоа Пендаровски остана беневолентен кон посетата на митрополитот Антониј, како десна рака на благословувачот на руската инвазија врз Украина, патријархот Кирил.
Затоа вмровските и сдсмовските "аналитичари" во медиумите на Стопанската комора лесно постигнуваат согласност.
Затоа и "огнените" во ДУИ имаат поддршка во внатрешната пресметка со кадровските инсталации кои во име на претставеноста на Заев во партијата ја рушеа претставеноста на нивните гласачи.
Овој процес сега се шири (парадоксално) назад кон ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
И затоа пресметката во СДСМ и последичната во ВМРО-ДПМНЕ треба да го одржи мнозинството на Ковачевски, а потоа и да му ја реконструира Владата.
Оспособувајќи ја за вистинска борба со корупцијата и за евроинтеграција на земјата и нацијата.
Потоа отпорот кон уставните промени ќе исчезне исто "мистериозно" како што настана минатото лето.
И ќе ги урне проектираните анти-албански, анти-бугарски, анти-европски и анти-американски наративи кои во основа се - анти-македонски оти имаат за цел да ги држат Македонците во 19 век.
Заедно со лажното претставување дека томосот за автокефалноста на МПЦ-ОА доаѓа преку Москва, а не како што канонот налага - од Константинопол.
Во вакви околности, македонското општество ќе ужива во конечното ослободување од панславизмот како вековно средство за инструментализација на Македонците, а Северна Македонија конечно ќе влезе во процес на градење и спроведување национална политика.
За да се спречи ова, не се за исклучување мрачни и дестабилизирачки сценарија.
Свеста за ваквиот ризик - е средство за минимизирање на ризикот.
А сега на многумина ќе им бидат појасни и моите и нашите политички постапки и ставови како во 2016, така и по 2020.