НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Случај "Пендиков": Последиците од неказнивоста како правило... или Која е разликата меѓу Штрбце и Охрид?

21 јануари 2023·Ивон Величковски
Медиумите и "јавноста" на југословенско Скопје ќе се занимаваат со тоа зошто Бугарија со авион го "евакуира" Христијан Пендиков.
Нас Македонците заинтересирани за ред, безбедност и живеење во сопствената држава Македонија - не интересира суштинското:
1. Кој/кои го претепал/е Пендиков?
"Бгнес" уште вчера соопшти име на еден напаѓач. Информираше и според снимки од безбедносните камери.Ова сигурно им е познато на МВР и на македонските медиуми. Зошто повторно треба да се информираме од туѓи, во случајов бугарски?
Премолчаното не значи дека нешто не се случило. Тоа е само израз на нескриена немоќ.
2. Кои се мотивите?
Ако етничката припадност на Пендиков била доволна за напад, за друг утре ќе биде доволна партиската. Задутре половата, сексуалната. Па финансиската состојба.
И на крај банди (ќе) владејат со Македонија.
Кога секој насилник со амин на партијата и службата ќе изигрува шериф ограничувајќи туѓо право (на припадност, имот или живот) - владее криминалот, а не правото. Во име на партијата или кланот сеедно.
3. Што можеше да произведе истрагата за пукањето кон клубот "Борис III" во Охрид што тапка во место? Функционална правда? Ефикасна безбедност? Не.
Неказнивоста охрабрува насилство.
Затоа прашања во низа се дали сторителите на ова дело се поврзани со тепачите на Пендиков? И дали тие имаат и партиски врски?
Пред Нова година во Штрбце, Косово, беше повредено дете (Србин) од војник на КЗК (Албанец) кој кон друга група истрелал предупредувачки куршум што рикошетирал.
Веста потоа доби други интерпретации, но основно беше што сторителот беше уапсен 45 минути по настанот и од притвор очекува брзо судење.
"У едно Косово, чоече?!" како што скопската интелектуала со меко "Л" сака да се теши, демек Македонија се уште е единица мерка за квалитет, европски имиџ и средена држава.
За опожарувањето на културниот клуб во Битола, па за пукањето кон клубот во Охрид, сега за претепувањето на Пендиков, реагира МНР.
Небаре станува збор за граѓани кои не се државјани (и) на Северна Македонија?!
МВР во приказната е само за да регулира сообраќај и да води статистика?
Во Куманово пред месец и кусур група насилници бркаше двајца Албанци и физички ги нападна.
Ви текнува на случајот? Причините, мотивите и сторителите? Санкциите? Секако дека не. Веста спорадично се појави и така ја снема. Можеби треба да се запрашаме чии државјани беа насилниците?
Тепачките во скопските автобуси исто така мистериозно еруптираа па ги снема.
Веќе не е исклучок, туку правило е: нееднаквоста на Немакедонците со којашто системот сака да ни ја храни суетата како Македонци на крајот ја слабее државата, системот и на крајот не изолира и ослабува пред се нас - Македонците.
Во држава на нееднакви, Македонците страдаат од своите системски децениски управници станувајќи им потчинети.
Потчинетоста само се затскрива со проектиран анимозитет според потребите, де кон Албанците, де кон Бугарите.
За Македонците да останат зависни од ("српска", "југословенска"... а всушност) руска "заштита".
Вака гледано, споредна цел на споредни политички групации уште од минатата недела беше Македонија да биде тема во претстојната кампања во Бугарија.
Поинтересно е кој и за кого тоа го одработува кај нас, а за чии потреби во Бугарија? И дали само во овие две земји?
Отворањето на улогата на бугарската Влада (на Петков) во снабдувањето на Украина со муниција, со која Киев лани ја сопре првата фаза од руската инвазија, покажа каква важна улога игра(л) нашиот источен сосед во европски и НАТО рамки.
Најавува и на кои теми ќе се бара конкретен епилог од нивните мартовски избори.
Но и кои теми кај нас се битни и до и по нашите избори, биле тие годинава или догодина.