НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Зошто Македонија се иселува? А што да очекуваме во земја каде "политика" е одбележување роденден на Делчев, а не е ни вест дека ЕУ ни гради депонии?

4 февруари 2023·Ивон Величковски
Настанот што со децении минуваше без посебна помпа, две недели беше топ тема. Очекувано, балонот издиша исто вештачки како што беше и надуен: делегациите се поклонија, социјалните мрежи се наполнија со слики и коментари... и сите си отидоа по дома.
"Шумарот" ги разбрка "палавите дечиња", за да не ја запалат шумата играјќи си со кибритчиња:
Откако Стејт департментот повика на "деескалација на реториката", МВР реши да се занимава со својата работа и го организираше пристапот до Св.Спас, бугарскиот амбасадор се врати во Скопје, "системот падна" па Џамбаски "резигнирано" остана во Благоевград, а Пендаровски остана без ефектуиран почеток на кампања за повторно кандидирање.
Во недостаток на инциденти Апасиев твитна, Мицкоски одржа трибина посветена на Делчев за да зборува за изборите... и исто така си отидоа по дома.
Додека ги "кудиме", да им признаеме на "странците" и дека без нив ќе потонеме во сопственото ѓубре. Ама буквално:
Никој од горенаведените на пр. во овие две недели не спомна дека на 21 јануари Северна Македонија потпиша суверен заем од 55 милиони евра за градење и ревитализирање 5 санитарни депонии, претоварни станици и инфраструктура за собирање и превоз на отпадот. Со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).
Со договорот се воспоставаат 3 интегрирани системи за третман на отпадот што ќе покријат 5 плански региони: Полог, Југозапад, Пелагонија, Вардарски и Југоисток.
Со нив 11 сегашни депонии-загадувачи се заменуваат со инфраструктура за третман на отпадот според европски стандарди.
Знаеме што тоа значи за нас. И следните генерации.
Благодарение на соодветните институции и владите на Швајцарија и Шведска, инвестициски грант од 24 и 13 милиони евра соодветно за техничка помош се ставени на располагање за оваа цел.
Заклучок: додека нашата политика се занимава со одржување на привилегиите и позициите врз основа на параметри од минатото и додека се труди да одржи чекор со ваквите сили во соседството, "клетата Европа" се труди да не извади од отпадот до кој и политички и фактички сме затрупани до гуша.
Што мислите, која политика Даскалот (оној вистинскиот) денес би ја одобрил?
Ако тој пред еден век се борел за слобода, дали денес сме на ниво на задачата за во новиот век да се избориме за економски опстанок, здрава животна средина и просперитет на неговите слободни потомци?
Зарем со нашите постапки, вкалкулирани непромислености и матрица на лагодна самоизолираност денес, во сопствена држава, смееме да му плукаме на делото од пред цел век?
Се плашам дека со двонеделната доза себесожалување и дневно политикантство - што спонтано, што целно - упативме уште најмалку илјада семејства да ја донесат одлуката сепак да се евакуираат од тука.
Во Европа.
Којашто нивните остарени родители во самотија ќе ја колнат додека ги гледаат децата на Вибер и Скајп, редат икони на Фејсбук и на партиски трибини го "бранат Гоце" - за да не си признаат дека поради својот предвидлив и комфорен политички избор - си ги иселија внуците.